Ночентини нов лидер на Тур де Франс
Контадор и Армстронг со мал заостаток, шампионот од 2006, Переиро, се откажа
Риналдо Ночентини го прекина деветгодишниот пост на Италијанците, облекувајќи ја жолтата маичка на Тур де Франс по седмата етапа до скијачкиот центар Аркалис во Андора и задржувајќи ја и по осмата етапа до Сан Жиронс во Франција. Последен Италијанец што водел на најпрестижната велосипедска трка во светот беше Алберто Ели во 2000 година.
Ночентини заврши четврти во седмата и најдолга етапа (220 км), но постигнатото време беше доволно за да го преземе водството во вкупниот поредок од Швајцарецот Фабијан Канчелара. Иако не победи ни во осмата етапа долга 176,5 км, 31-годишниот Тосканец ги зачува разликата од шест секунди во однос на топ-фаворитот Алберто Контадор од Шпанија, како и осумте секунди предност во однос на седумкратниот победник Ленс Армстронг од САД.
„Ова ми е прв Тур, на кој дојдов да освојам барем една етапа, но излезе уште подобро“, вели жителот на Арецо, кој има освоено само 12 помали профи-трки, иако се сметаше за еден од најдобрите јуниори во својата генерација. „Жолтата маичка на Трур де Франс е сон на секој велосипедист, а јас ја освоив во моето деби. Не ми е гајле дали ќе ја задржам еден, два или три дена. Доволно е и еднаш да ја облечеш“.
Шампионот од 2006, Шпанецот Оскар Переиро, се повлече од трката за време на осмата етапа, која ја почна како 38. со заостанување од 5,38 минути. Тој се симна од велосипедот по извозени стотина километри, а менаџерот на неговиот тим Касе д’Епарњ, Еусебио Унзуе, објасни дека нивниот возач, едноставно, не се чувствувал добро.
„Во претходната етапа тој се соочи со проблеми при искачувањето“, изјави Унзуе. „Денеска само сакаше да види дали може да продолжи, но откако загуби четири минути на првото искачување, тоа просто не беше можно. Тој е лошо и физички и психолошки“.
Минатата година Переиро беше принуден да се откаже од Тур де Франс откако ја скрши раката по спектакуларниот пад во текот на 15. етапа до италијанскиот зимски центар Прато Невозо.
Резултати од осмата етапа: Луис Леон Санчез (Шпанија/Касе д’Епарњ) 4:31,50 ч., Санди Касар (Франција/Франсоа де жу) исто време, Микел Астарлоза (Шпанија/Еускалтел) исто време итн.
Вкупен поредок: Риналдо Ночентини (Италија/АГ2Р) 30:18,16 ч., Алберто Контадор (Шпанија/Астана) +6 сек., Ленс Армстронг (САД/Астана) +8 сек. итн. |