Прва победа на Вебер во 130. обид!
Австралиецот и Фетел во Нирбургринг му донесоа нов еден-два триумф на Ред бул
Марк Вебер чекаше долго и дочека во својата 130. трка во Ф1-кариерата, Големата награда на Германија, да стигне до првата победа, тргнувајќи од пол-позицијата, но и одработувајќи казна со минување низ боксот поради колизијата со Рубенс Барикело на стартот! Неговиот тимски колега Себастијан Фетел финишира втор во новата еден-два победа на Ред бул, трета во годинашната сезона во Формула 1. Обајцата го потиснаа Барикело од Браун од второто место во вкупниот поредок, при што Фетел ја намали разликата во однос на лидерот Џенсон Батон исто така од Браун на 21 поен. Батон заврши петти и сега има 68 поени, Фетел е втор со 47, Вебер трет со 45,5, а Барикело сега е четврти со 44. Подиумот во Нирбургринг го комплетира Фелипе Маса, како своевидна утеха за Ферари по откажувањето на светскиот шампион од 2007, Кими Раиконен.
„Извонредно! Толку многу посакував да победам по Силверстоун. Единственото нешто што мислев дека би можело да ме победи беше дождот“, не ја криеша возбудата Австралиецот. „На стартот целосно го загубив од видот Рубенс и удрив во него. Тоа, нормално, не е мој стил, па добив казна ’драјв-тру‘, но се вратив. Ова е голем ден за мене. Зимата беше тешка, но имав извонредни луѓе околу мене“.
„Марк Вебер, ти си гран-при победник! Добро направено, брилијантно возење“, му рече шефот на екипата Кристијан Хорнер преку тимското радио, чекајќи трпеливо неговиот возач да престане да вреска зафатен од еуфорија.
Пред очите на својот горд татко Алан, Марк вдиши длабоко и уживаше во атмосферата додека на победничкиот пиедестал во негова чест се свиреше австралиската химна. Тоа првпат му се случи на еден Австралиец во Формула 1 по речиси три децении. Последен што ја имаше таа привилегија беше Алан Џонс во Лас Вегас во далечната 1981 година.
Вебер (32) постави и рекорд во поглед на јазот меѓу дебито и првата победа. Досегашен рекордер беше Бразилецот Барикело, кој мораше да чека 124 трки пред својот првенец како возач на Ферари во 2000.
Голем пех му се случи Германецот Адријан Сутил, кој во обид да ги освои првите поени за Форс Индија стартуваше седми, дотурка дури до второто место, но се судир со Раиконен и тука завршија надежите. |