09.02.2012, 17:54 Минималецот тргна, кој го применува уште не се знае
Законот за минимална плата се донесе на 23 јануари, но фирмите ќе мора да ја исплатат јануарска плата по ново, минимум 8.050 денари нето
Маја Томиќ
„Аирлија работа“, си рекоа лани есента социјални��е партнери, Владата, работодавците и Синдикатот кога се договорија за донесување на Законот за минимална плата, по што во медиумите следеа многу пофални реклами. Дали и во практика ќе биде така, останува да се види.
Иако Законот беше донесен на 23 јануари годинава, како што гласи во текстот, неговата важност е од 1 јануари. Што значи дека платите за тој месец веќе се пресметуваат по ново, велат од Министерството за труд и социјална политика и до 15 февруари сите треба да направат корекции во износите и да не им исплатуваат на работниците износи пониски од 8.050 денари нето, односно по 12.265 денари во бруто-износ. Тој износ не е фиксен, туку ќе се менува секоја година и ќе биде 39,6 отсто од просечната бруто-плата остварена во претходната година.
„Засега немаме податоци колку од компаниите се придржуваат до Законот, затоа што е уште рано. Но, инспекциските служби ќе почнат со проверки на фирмите, по што ќе се покаже колку се почитувал Законот и дали тие биле дисциплинирани во овој дел“, велат од Труд и социјала. Според Димитар Стојановски од Здружението на работодавци, мал дел од вкупниот број вработени во државата ќе бидат опфатени со овој Закон, оние од трудоинтензивните гранки, текстилната, кожарската и земјоделството, иако и таму во ретки случаи се исплатува плата под 8.050 денари. А, на овие дејности, како што е познато, во Законот им е даден преоден период од наредни три години за приспособување на висината на сегашните плати со утврдениот минималец.
„Речиси никој веќе не прифаќа да работи за 5.000-6000 денари плата, но и самите работодавци сакаат да имаат повеќе платен работник кој ќе покаже поголема продуктивност, што е и смислата на Законот. Добро би било да се утврди уште поголема минимална плата од оваа, но треба да се оцени какви се моменталните услови и можности на пазарот и дали фирмите ќе можат да го издржат тој товар. Треба државата да покаже подготвеност да им олесни на компаниите во делот на давачките за да можат тие да исплаќаат и повисоки плати и придонеси“, вели Стојановски.
Според Законот за минимална плата, оној што нема да се придржува до него ќе плаќа казни. Од 6 до 7 илјади евра изнесува казната за правно лице, 4 илјади за директорите, а со 5 илјади евра глоба ќе се казни работодавец–физичко лице доколку има пријавено работник со плата под минимално утврденото ниво.
Инаку, според статистиката, од околу 630.000 вработени во државата, 2,3 отсто имаат плата до 3.000 денари, 17,8 отсто до 8.000 денари, 27,6 отсто меѓу 8.000 и 12.000, додека 30 отсто се со плати од 12.000 до 20.000 денари. Со други зборови, минималецот ќе биде добредојден за околу 50 отсто од вработените.
Донесувањето на Законот беше повод за препукувања меѓу парламентарците од власта и од опозицијата, која до Министерството за труд поднесе своја верзија на закон за минимална плата, според кој минималецот треба да изнесува 9.100 денари. Опозицијата забележа дека владиниот Закон нема да ги реши проблемите на оние што земаат најниски плати, затоа што тие ќе им се коригираат дури по три години, а за тоа време сите цени ќе се зголемат за повеќе пати.
И, додека власта и опозицијата кај нас се расправаат кој е во право со тезите околу минималецот, просечната плата во земјава е 330 евра, а Законот веќе го утврди минималецот од 130 евра, што е најнискиот износ во регионот и пошироко. Во Луксембург минималецот е 1.757 евра, во Албанија околу 150 евра, во Словенија 530, во Португалија 485, додека во Романија, Бугарија и Полска се движи меѓу 160 и 300 евра, а во Грција минималната плата изнесува 739 евра. Албанската влада, пак, лани летото донесе одлука за зголемување на износот на минималната плата за 5,2 отсто и одлуката мора да ја почитува секое физичко и правно лице, без оглед дали станува збор за домашен или за странски работодавец. |