09.02.2012, 17:09 И уште нешто
Мировници
Во касарната „Јане Сандански“ во Штип вчера се вратија 149 македонски мировници од Првата механизирана пешадиска бригада, кои учествуваа во одбраната на главната команда на мисијата ИСАФ во Кабул, Авганистан. Македонските војниците беа дел од 20-тата ротација во мировната мисија ИСАФ.
Осуда
Здружението на судиите на Република Македонија ги осуди с��те видови напади врз судиите и нивниот интегритет. Од Здружението посочуваат дека нападот на претседателот на Основен суд Радовиш судија Љупчо Тодоровски наиде на најостра осуда од страна на судиите. Неприфатливо е, велат, со физичка пресметка да се влијае на одлуките на судиите.
Митологија
Членството на Македонија во НАТО и ЕУ е попречувано од Грција од митолошки причини, рече министерот за надворешни работи Никола Попоски на вчерашното предавање во естонското Министерство за надворешни работи на тема „Македонија на патот кон ЕУ и НАТО: чукање на отворена врата“.
Донација
Општина Кочани, Територијалната противпожарна единица и Центарот за управување со кризи, вчера во село Полаки на 23 семејства-корисници на социјална помош, но и стари и изнемоштени лица им доделија пакети во храна и лекови. Акцијата е реализирана во село во Осоговските планини, бидејки таму снежната покривка достигнува и над еден метар.
Курсеви
Граѓаните на Кочани покажаа голем интерес за посетување бесплатни курсеви по странски јазици и информатика. За изучување на англискиот јазик се пријавиле 130, за германскиот 169, а за информатика 100 кандидати. Англискиот јазик ќе се изучува во трети,четврти и петти степен, а курсот по германски е од почетно ниво.
|