09.02.2012, 17:11 Новата здравствена мрежа тешко пробивна
Лекарите реагираат и на мешањето на власта во работата на коморите, моделот за плаќање по успешност, на дополнителната дејност
Јасмина Јовановска
Јавната здравствената мрежа, во која ќе влезат сите здравствени установи кои сега имаат договор со Фондот за здравствено осигурување е рестриктивна, развојно деструктивна, ќе ја загуши конкуренцијата на пазарот и го дискриминирана приватното здравство. Ова се забелешките на лекарите за новата јавна здравствена мрежа, која се предвидува со измените од Законот за здравствена заштита, кои вчера се најдоа на јавна расправа пред собраниската комисија за здравство.
Коморите, стручните здруженија, синдикатите не се согласуваат и со измените со кои се предвидува мешање на власта во работата на коморите. Тие реагираат и на моделот за плаќање по успешност, на моделот на дополнителната дејност, на стриктно почитување на протоколите за лекување, како и на тоа здравствените работници да бидат јавни службеници. Поради тоа лекарите побараа доработување на законот за да може да се дадат конструктивни и квалитетни забелешки.
„Мрежата не треба да биде рестриктивна. Како што е дефинирана, од 800 аптеки веднаш ќе се затворат 400. Таа мора да го прати производството на кадарот, во спротивно ќе има опструкции на развојот на здравството“, истакна Горѓи Оровчанец, претседател на Здружението на оториноларинголози.
Тој е изненаден што на мала врата сака да се протне нешто што е веќе завршено, како што е здравствените работници да бидат јавни службеници. „Ова падна на Уставен суд, а сега се става во Законот за здравствена заштита“, рече Оровчанец.
На лошо дефинирана мрежа укажа и првиот човек на Стоматолошката комора, Марија Накова. „Ако мрежата се затвори, што ќе биде со новите стоматолози кои во една ординација инвестираат и по 30.000 евра“, праша Накова. За неа не е јасно што по една година од дефинирање на мрежата уште не се знае дали за добивање концесија ќе конкурираат и оние кои веќе се во мрежата.
Приватните болници, пак, реагираат дека новата мрежа е дискриминаторска. „Зошто приватните установи кои веќе постојат да не можат да отворат свои подружници или да развиваат дејности од терциерно ниво, туку тоа е ад-хок ограничено само во државното здравство?“, праша Андреја Арсовски, претседател на Групацијата на приватни здравствени установи, и побара да не се прави класична поделба на приватно и јавно здравство, зашто и приватното по квалитет и по квантитет придонесува во давање здравствена заштита.
И за приватните стоматолози новата мрежа е проблематична и ја руши пазарната економија во здравството. „Законот ја брка пазарната економија од здравството. Тој е рестриктивен. Да се плашиш да влезеш во ординација, оти секоја инспекција ќе ти најде нешто да те казни“, потенцира Слободан Димовски, претседател на Здружението на приватните стоматолози, и бара да се ревидира поголем дел од законот.
Синдикатот на здравството побара да не се меша основната плата со награда за успешност. Клиничкиот синдикат, пак, праша како може да се воведува плата по успешност кога во здравството недостасуваат околу 500 специјалисти.
„Нема враќање на Предлог-законот за здравствена заштита на доработка“, категоричен е министерот за здравство, Никола Тодоров, зашто за него околу 99 отсто од забелешките на коморите и здруженијата се прифатени. Останаа само неколку прашања како плаќањето според оствареното, здравствените работници да бидат јавни службеници и критериумите за претседатели на коморите, како и околу медицинските протоколи. „Доколку се понуди подобро решение, не е исклучено да биде прифатено, зашто, сепак, ова е јавна расправа и има можности за корекции“, укажа Тодоров, според кого мрежата е така дефинирана што ќе се проширува само за дејности кои ги нема во дадениот регион, со што по пат на тендер ќе се дава концесија.
„Не се прави дискриминација на приватното здравство, ниту, пак, се уништува конкуренцијата, зашто на тендер за нова концесија во јавното здравство ќе може да учествуваат и приватните и државните установи“, појасни Тодоров. |