10.02.2012, 18:34 Живот на река на минус 20
Одлучив да прекинам со „салонското“ постоење и начин на мислење. Се' поблизу до природата - е целта што си ја одредив. Секогаш интензивно посакувам од светот да се вратам ��а мојот брод - категорична е Весна де Винча
Јасминка Павловска
За зимската идила, сонот на летната ноќ, будењето на пролетта, па и кога лисјата паѓаат... Весна де Винча си има пронајдено одлична перспектива. Од палубата на нејзиниот закотвен брод - „Вториот брод на Сава! Од Ушќе. Нов Белград“, таа веќе три години ги живее промените на годишните времиња, размислува за светот, се занимава со пишување, уметност, собирање пријатели и охрабрување на луѓето... Таа е незапирлив оптимист и креативец и речиси го има совладано „вселенскиот занает“ - како од воздухот се прави вредност.
Весна де Винча е ТВ-новинар, режисер и продуцент, автор на над 40 ексклузивни ТВ-документарни филмови и интервјуа. Нејзини соговорници биле: Нелсон Мандела („Политичкиот тестамент на Мандела“ е единственото интервју што го дал Мандела во последните седум години), Артур Кларк, Гадафи, Симон Визентал, Пако Рабан, Јасер Арафат, Џина Лолобриџида... Од неодамна е доктор на науки со дисертација на тема: „Ексклузивно ТВ- новинарство“. Де Винча е единствениот овластен продуцент со лиценци на официјалниот избор на Мис на Србија и Мис на Црна Гора. За свој најголем успех го смета тоа што издејствувала 234 стипендии за четиригодишни студии, кои до сега им ги доделила на „своите убавици“, т.е. на сите финалистки за избор на Мис на Србија во последниве осум години.
Од каде е идејата, предизвикот, желбата за живот на река?
- „Разделбата е пат кон совршенство“ - рекол Иво Андриќ. Неверојатна мисла која ми помогна да сфатам многу нешта за себе и за другите. Мислите секако се разделба со луѓето, но и со идеите, просторите. Во еден момент решив да се разделам и да го напуштам салонскиот стан и куќа на „Неимар“, во центарот на Белград, затоа што одлучив да прекинам со „салонското“ постоење и начин на мислење. Се' поблизу до природата - е целта што си ја одредив. Затоа што тука некаде е скриена најголемата тајна- тајната на енергизацијата. Се обидувам да и' се приближам на мудроста дека треба да се ужива во неизвесноста! Бродот се лула како лулката на мајката планета... Се' е неизвесно... Реката во еден миг ќе се повлече или ќе надојде. Зимата речиси не' одвои од „светот“. Јас уживам во тоа! Не се плашам од тоа. Секогаш сум подготвена. Всушност уживам во приспособувањето на барањата на природата. А секое време тука, на сливот на Сава во Дунав е чудесно! И дождот и маглата се возбудливи и привлечни, еднакво како и сончевиот ден.
Разрешете ја дилемата во впечатокот: дали вашиот дом на река е брод или сплав?
- Тоа некогаш бил брод, всушност лаѓа за живеење. Сега е неподвижен, со цврста врска поврзан за брегот.
Како изгледа да се живее зиме на сплав, додека секаде на Балканот е вонредна ситуација поради снегот?
- Мислам дека токму ваков „тежок“ снег е најбајковит. Се чувствувам како да сум некаде, далеку, далеку... На планина и предам волна секој ден. Таков е погледот од едната страна. А на другата е смрзнатиот Калемегдан, победникот, нашиот Акропол и сантите мраз кои токму сега ги гледам, а пливаат по Сава. Тоа до сега се нема случено. Дунав секогаш замрзнува, а Сава речиси никогаш.
Колку време ви беше потребно за да го уредите сплавот според своите желби?
- Јас сум нереализиран градител! Најмногу сакам да градам кога се одморам. Многу нешто имам соѕидано, како претприемник и архитект - аматер. Беа потребни околу четири месеци и бродот беше поставен и целосно обновен. Во тоа ми помогна архитекстот Војин Ваљаревиќ. Тоа е нов концепт на животот. Горе е делот за живеење, а долу - Еколошкиот центар и две невладини организации: „Менса - Србија“ и Информативно општество на Србија. Тука се собираат позитивци и си ја откриваат едни на други тајната на радоста. Тука престојувале познати личности од светот: мескиканскиот археолог Салинас- Прајс, писателот и критичар Епштајн, д-р Ерик Перл, создавачот на „реконекцијата“... Еднаш во посета од неколку дена ни беше наследникот на кралската лоза Бурбон, потоа наследниците на Орлеан, Лихтенштајн, кои доаѓаат во Србија да садат јорговани и да го поддржат проектот Србија - долина на јоргованите на Европа. Често во хуманитарни мисии ни доаѓаат и „Витезите на свети Лазар“, па со нивна помош опремивме две болници - во Сланкамен и во Кралево.
Посакувате ли некогаш да побегнете од својот сплав? Каде бегате во такви ситуации?
- Не! Бидејќи постојано патувам, работите се обратно поставени. Секогаш интензивно посакувам од светот да се вратам на мојот брод. Зашто тоа е духовна, естетска, природна оаза, во самиот центар на Белград. Место за размислување, мислилница во која се бега. Многу од моите пријатели го сфатиле тоа и често се кријат од се' на палубата и ја набљудуваат реката, која ги носи грижите. Некои и ловат риби, зашто на сливот е навалица од риби. Освен тоа, забранети се алкохолот и цигарите. Здрава мисла, па убав збор, па добра постапка, па квалитетна навика... Ганди!
Дали вие сте осамен зимски сплавар во Белград или има и други „закоравени“ вљубеници во реката?
- На сливот (на Ушќе) живее генијалецот Заре, успешен, навистина успешен бизнисмен. Мојот другар Зариќ е таков вид на спиритуална интелегенција, кој смета дека треба да умре млад, здрав и креативен, најрано на 100 години. Тоа е целта!
На која река од двете во Белград е, всушност, вашиот сплав?
- Вториот брод на Сава! Од Ушќе. Нов Белград.
Љубопитноста е дозволена за крај! Зошто го одбравте презимето Де Винча? Дали е поврзано со предисториската култура Винча на територијата на денешен Белград?
- Токму така. Јас сум патувачки маркетинг за цивилизацијата Винча, која постоела 5000 години пред новата ера. Тогаш знаеле како се топи бакарот... и уште многу други занаети. Винча е и една општина на периферијата на Белград. Една порака на старите Винчанци е дешифрирана на Универзитетот УКЛА во Америка. Тие, Винчанците ни порачуваат нам, идните генерации:
„Животот е, животот е да се биде - ЉУБОВ!“. Тие имале ист збор за љубов и бог! Значи: љубовта е еднаква на бог и бог е љубов! Кој и кога го разделил тој збор, треба да се протолкува. Но ни направил, многу, многу проблеми. |