Број 3615  понеделник, 27 јуни 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска
Онлајн вести

Насловна








Site Meter

Фреквенција звучна

Да ја дискреираме реалната слика

Тина Иванова

Долгогодишната цел на Македонија да се приклучи во „волшебниот“ круг на Европската Унија и НАТО, може да се набљудува и низ призмата на музиката. И тоа, во стилот на еден хипнотичен, мантричен, повторувачки тон. Зборовите ЕУ и НАТО, кои одамна станаа неизоставен дел од реалните звуци на нашето секојдневие, беа инспирација и за македонскиот композитор Александар Пејовски за неговиот најнов творечки восклик. Годинава, тој го создаде и вокално-инструменталното дело „Дискреирање мантра“ кое преку композицијата „ЕУ НАТО“ ја покажува токму таа репетитивна ситуација, интересна и уникатна во музичка и уметничка конотација, но мошне здодевна и бескрајно упорна во обидот за креирање на нашите стилови на живеење во транзициските години. Тековните политички аспирации на Македонија и секојдневното повторување на двете кратенки во медиумите е она што ја чини најновата „мантра“ на Пејовски. Зборовите кои често во својот речник ги користи и македонскиот граѓанин, најпрвин беа исполнети со чувство на возбуда, потоа со рамнодушност, а денес можеби и со резигнирана нота. Ваквиот интензитет може да се почувствува и во сите пет парчиња на новиот албум на македонскиот автор.

За Александар Пејовски и неговиот минат труд не треба многу да се зборува. Оние кои ја следат неговата кариера знаат дека е еден од најпродуктивните македонски композитори од помладата генерација, но и еден од најистакнатите чиј музички фокус е веќе изострен и се препознава. Неговото портфолио е богато не само квантитативно (музика за повеќе инструментални состави, филмска и театарска музика), туку Пејовски со секое ново парче што го „објавува“ во етерот и дава свеж импулс на македонската современа музичка сцена. Особено се интересни неговите инспиративни погледи преточени низ музика кон општествено-политичките и културните опкружувања.

Ова ново остварување (ЦД) на Александар Пејовски, кое е самиздад, како впрочем и повеќето изданија на овој музички уметник е создадено годинава и претставува прекрасен спој од пет композиции: „ЕУ НАТО“ (величие-мантра-дискреирање), „Сол макарон“ (во ашрамот), „Ресетирачка“, „О, Мони, Мони, Ма“ и „Портрет на Билјана Тримчевска“ (верзија за женски хор). „Дискреирање мантра“ е дело напишано за женски хор, музичари и трака, а е изведено и снимено во Детскиот театарски центар под диригентство на Сашо Татарчевски со Женскиот младински хор при Младинскиот културен центар и инструменталистите: Марија Вршкова на пијано, Јанинка Невчева на органа и Атанас Алексов, Елена Чадиковска и Влатко Ѓоргиевски на удиралки.

Ако создавањето или креацијата е процес со кој едно нешто влегува во постоењето, тогаш ресоздавањето или дискреацијата е, исто така, процес со кој тоа нешто излегува, исчезнува. Мантрата, пак, како комбинација од звуци што често се повторуваат го дава токму тоа чувство на силно појавување и потоа постепено исчезнување, односно послабо забележување. Токму такво е делото „Дискреирање мантра“ што кога го слушате успева да ви ја пренесе т.н. месмерисинг атмосфера, да создаде своевидна хипноза, но од друга страна и нервоза и вознемиреност ако музиката не ја слушате само како музика, бидејќи на моменти таа конкретизира, посочува на суровата реалност која ја живееме.

Музичкиот минимализам, како во некои од минатите, така и во ова дело на Пејовски е најизразениот елемент. Всушност, токму тоа и ја дава на „Дискреирање мантра“ неопходната вредност, зашто ако политичката репетитирачка вербалност постојано ни излегува од телевизиските екрани, тогаш ова е спротивна форма на смирување и бегање во некои други пространства, апстрактни, кои само музиката може да ни ги даде. Некои од делата носат влијание од генезата на минимализмот кој го наметнаа Тери Рајли и Стив Рајх, на пример, можеби и поради користењето на лентата, но се во контекст на звучното милје што го обојува творештвото на Пејовски.

„Дискреирање мантра“ е одличен албум и може да се компарира со светските изданија во кои е содржан идентичен пристап на творење, но тоа и не е чудно, зашто Александар Пејовски е добар занаетчија и мошне добро се снаоѓа во играта со инструменталните бои, во користењето на композициската техника, во суптилното преминување од еден во друг музички правец... „ЕУ НАТО“ преминува во хаотични извикувања на своевиден протест, „Сол Макарон“, пак, комично и пристапува на носталгијата кон социјалистичкото уредување на бившата ни СФРЈ, а пијаното и органата ја даваат таа сетна нишка. „Ресетирачка“ е авангардна, контроверзна обработка на детската „До, ре, ми“ со сменет текст кој повторно на еден саркастичен начин го коментира напливот на дрогата, т.е. ја дава деструктивната слика на општеството, па следува повторно минималистичка „О, мони, мони, ма“ чие женско врескање вознемирува, за на крај да заврши со новата верзија на познатата „Портрет на Билјана Тримчевска“ од албумот на Пејовски „Посвета на учителите“, која смирува, разнежнува, ве враќа во сонот.

Делата, како што е „Дискреирање мантра“, кои ова невреме го коментираат на интересен начин, се навистина потребни овде, за да не' разбудат, да не' свртат кон духовните вредности, а со својата уметничка сила да се обидат да променат нешто, да го поведат светот во нови односи.


#
Статијата е прочитана 995 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Насловна
Славата, митот и крвта на ВМРО (24)
„Скопје 2014“ и светските берзи ни донесоа висок раст на БДП
Владата стокмена, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ - 2
Денес астероид минува покрај Земјата
На Охрид му се насмевнува успешна сезона
Фински туристи спасени во Преспа
Елена Ангеловска – „Мис тинејџерка на Македонија“
Судски записници
Иванов ќе му го врачи мандатот на Груевски
Блиндиран автомобил за заштита од фановите
Издаден налог за апсење на Гадафи
Џемс Бонд во тавче
Смрт на триумфализмот
Интерес на сите е името да се реши
Преродбата го прероди СДСМ
„Мајки“ награден на фестивал во Нови Сад
Говорот под контрола
Шести триумф на Србија во Светска лига
Инфарктот ги демне Македонците
Во Франција откриена смртоносната бактерија Ешерихија коли
Карикатура
Стол
Дваесет години независна македонска дипломатија
Онлајн вести

"""