На Охрид му се насмевнува успешна сезона
Од првично најавените 8.500 туристи се очекуваат 14.000, кои би требало да реализираат до 110.000 ноќевања
Веле Митаноски
ОХРИД - На македонската туристичка мека Охрид и' се насмевнува релативно успешна главна туристичка сезона или старт што ќе обезбеди, за една-две години да се вратат старите добри времиња - до почетокот на деведесеттите години. Во Охрид престојуваа поголема група туристички работници, од агенции што „извозуваат“ гости од Белград. Сликаат хотели и приватни пансиони, ја студираат вонпансионската понуда. Тоа значи дека македонскиот туристички бисер и натаму високо котира во главниот српски град и меѓу српските туристи.
Агилната холандска амбасадорка, Симоне Филипини, на аеродромот „Свети Павле“ лично ги дочекува своите сограѓани, прави паркови, засадува цвеќе што, за жал, си го зајмуваат домаќините за своите бавчи, заедно со педалите од статичните велосипеди на Филипини!!!
Но, настрана шегата (ако е само шега?!). Сајтовите објавија дека туроператорот „Корендон“ воведува дополнителен, четврти чартер-лет од Амстердам за Охрид и го зголемува закупот на капацитети во хотелите на охридско-струшката ривиера. Барањето деновиве било проследено до македонскиот партнер „Фибула ер травел“. Агенцијата „Фибула“ најде за потребно од ова лето да отвори свое претставништво и во Охрид.
Дончо Танески, еден од брендовите на охридскиот туризам (со истоимениот хотел), инаку прв човек на Асоцијацијата на хотелиери во Македонија, е охрабрен. Тој вели дека од 1 јули до 14 октомври, неделно, од Амстердам за Охрид ќе има по четири чартер-лета, а од октомври наместо предвидените два, ќе има по три. Очекува зголемување на бројот на гостите, од првично најавените 8.500 на 14.000, кои би требало да реализираат до 110.000 ноќевања, што е пораст од цели 60 проценти. Надвор од сите очекувања на охридските хотелиери, холандскиот туроператор го зголемува и бројот на фиксен закуп на 10.000 кревети, така што очекувањата одат во правец дека претстои нов договор за закуп за наредните три-четири години.
Паралелно со најавите за доаѓање на поголем број гости од земјите на Бенелукс, Германија, Израел, Србија, Бугарија и од Албанија, надлежните ги зголемуваат напорите за нивно, пред се', побезбедно, но и посодржинско престојување. За спортистите, на прекрасните терени на Галичица е подигната обележана патека за велосипедизам и планинарење. Ресторани, кафулиња, вечерна музика има и тоа доволно, додека „Т-мобиле“ се погрижи, со неколку таканаречени понтонски плажи ( и поради свои рекламни потреби), да ја подобри понудата за капење и за сончање.
Од МВР најавуваат дека, со униформирани и цивилни лица, ќе ја зајакнат контролата, односно безбедноста на гостите. Ланското убиство на младиот гостин од Србија, претходната бродска несреќа со 15 удавени туристи од Бугарија, се' поприсутните инциденти меѓу младите во Охрид, честите кражби на плажите и во домовите и прегласната музика што им го одзема сонот на охриѓаните и на туристите, најавуваат дека ќе биде минато и од локалната самоуправа.
Градоначалникот Петрески вели дека негативните појави се резултат на општите состојби во државава. Тој бара полицијата да биде поприсутна на терен и да превенира пред да дојде до несакани последици. На прагот од туристичката сезона Петрески вели дека за поуспешно справување со проблемите, локалната власт треба да добие поголеми ингеренции.
„Немам никакви надлежности врз полицијата и врз дозволите што ги даваат за ноќните клубови. Треба да ја преземеме судбината во наши раце и да ги вратиме ингеренциите како што сме ги имале некогаш“, бара Петрески. Ако успееме во тоа тогаш нема да дозволам отворање на ниту еден клуб во стариот дел од градот. „Таму има доволно кафетерии. Нема потреба за отворање нови. Ноќните клубови треба да бидат подалеку од градот“, додава охридскиот градоначалник.
Доколку има надлежности Петрески веднаш би ги затворил плажите со ноќни клубови. „Или е плажа или е ноќен клуб. Тие направија, наводно, плажа, а, всушност, ноќни клубови. Имаат дозвола за плажа и треба да работат од 9 до 21 часот, а сите работат како ноќни клубови“, нагласи првиот човек на Охрид.
Во прилог на туристите е и богатото охридско културно лето, со традиционалните фестивали – „Балканскиот“ за фолклор и „Охридското лето“ - за музички и драмски претстави. Завод и музеј веќе ја отвори серијата континуирани изложби во атрактивниот простор на Куќата на Робевци, додека разни алтернативни групи, здруженија и асоцијации ја пополнуваат понудата на културното живеење.
|