Кекеши
Интерес на сите е името да се реши
27.06.2011, 13:34
Унгарија смета дека Македонија има иднина во Европа и е дел од европското семејство. Во интерес на сите е спорот за името да се реши побрзо, што ќе овозможи старт на преговорите за членство во ЕУ, истакнува унгарскиот амбасадор во Скопје, Ференц Кекеши.
Македонскиот случај, вели, привлече значително внимание и беше одржуван високо во европската политичка агенда за време на шестмесечното унгарско претседателство со ЕУ, што завршува на крајот на месецов.
- Но, имајќи предвид дека немаше прогрес за името, Европскиот совет не беше во позиција да го стави ова прашање на агендата, изјави Кекеши.
Унгарија, посочува амбасадорот, застапува иста позиција како австрискиот претседател Хајнц Фишер дека преговорите со Македонија треба да почнат без да се чека решение за името, а двата процеса можат да течат паралелно.
- Премиерот Виктор Орбан кажа дека ЕУ треба да се издигне над дебата за името, на која може да се наврати на крајот на пристапните преговори, и тоа и да не биде предуслов за почеток на преговорите, вели Кекеши.
Укажува дека постојат технички и политички деимензии поврзани со почетокот на преговорите. Од технички апсект има конкретни одредници и мерки кои треба да бидат исполнети, а од политички неопходен е консензус меѓу земјите членки на ЕУ.
- Врз основа на тоа, јасно е дека веднаш штом се реши името и биде постигнат консензус во ЕУ, преговорите ќе можат да почнат веднаш, вели Кекеши.
Кекеши е задоволен од сработеното за време на унгарското претседавање. Смета дека Европа денес е посилна отколку пред шест месеци и оти Буимпешта ги исполни ветувањата што ги даде, иако, наведува, условите не беа многу добри - Европа беше потресена од криза во еврозоната, а беа спроведени и институционални промени во согласност со Лисабонскиот договор.
Унгарија, истакнува Кекеши, не штедеше напори и за продолжување на процесот на проширување на ЕУ, а особено за евроинтеграција на земјите од Западен Балкан.
- Нашата порака секогаш е јасна - проширувањето на ЕУ не е прашање на престиж, туку процес што е во интерес на сите земји членки на Унијата, вели унгарскиот амбасадор.
На Балканот за време на унагарското претседавање, според него, е обновена евроинтеграциската енергија. Хрватска ги заклучи преговорите со што се дава поттик за напорите и на другите балкански земји. Србија, исто така, направи голем напредок, ја разбра пораката и не штедеше енергија за да реагира. Уште еден доказ за обновената евроинтеграциска енергија во регионот, посочува, е Црна Гора која стана кандидат и чека датум за почеток на преговорите, можеби до крајот на годинава.
Кекеши смета дека е поттикната и европерспективата на Македонија. - По многу напорното полугодие и спроведените фер и слободни избори, сега слушаме гласови дека прашањето за името треба да се реши, пристапните преговори да почнат што е можно побрзо, а реформите да продолжат, изјави Кекеши.
Унгарија, истакнува унгарскиот амбасадор Ференц Кекеши останува силен поддржувач на македонската евро-атлантска интеграција, а ја продолжува и одличната билатерална соработка со Македонија
|