Инфарктот ги демне Македонците
Се' почести се случаите на акутен инфаркт кај лица меѓу 30 и 40 години, што порано било вистинска реткост
Маја Томиќ
Интензивното темпо на живеење, консумирањето брза храна, стресните состојби и несигурната економска ситуација во семејствата, односно се' полошиот животен стандард, се основни причини зошто кардиоваскуларните болести масовно ги напаѓаат луѓето. Лошата информација е што старосната граница кај заболените, како и кај починатите лица од овие болести, станува пониска. Ако некогаш срцевите болести биле карактеристични за постарите лица, сега од нив заболува и голем процент од помладата популација.
Анализите на Фондот за здравство за работењето на установите во минатата година велат дека во Македонија годишно од кардиоваскуларни заболувања умираат повеќе од 10 илјади граѓани, што е 60 проценти од вкупната смртност во земјава. Една четвртина од пациентите што одат на скопските клиники се лекуваат на Гинекологија, единаесет проценти на Кардиологија, а околу 10 проценти на Клиниката за детски болести. Или, во деветте месеци од минатата година, од вкупно 51.033 регистрирани пациенти, 12.226 се лекувале на Гинекологија, а 5.643 на Кардиологија.
Во Институтот за јавно здравје забележале дека граѓаните најчесто умираат од болести на срце, крвни садови и од карцином, а тоа е констатација и на Државниот завод за статистика. Бројот на починати лица се зголемува, лани изнесувал 19.113 и бил за 0,3 проценти поголем од оној во 2009 година. Како и во претходните неколку години, најмногу има починати од болести на циркулаторниот систем, односно од срцеви инфаркти и од мозочни удари. Како втора причина за смрт се наведуваат неоплазмите, односно карциномот, како и различни ендокрини, стомачни и метаболични болести. Најмалку смртни случаи, пак, имало како последица на болести на респираторниот систем, односно на дишните патишта, а поголем број од починатите биле лица од машкиот пол. Просечната возраст кај умрените од машки пол изнесува 69,6 години, а кај жените 73,9 години.
Според Светската здравствена организација, СЗО, смртноста од кардиоваскуларните заболувања бележи тренд на постојан пораст. Дваесет и првиот век се квалификува како век на овие болести, констатираат од СЗО. Лани педесет и осум проценти од смртноста на светско ниво отпаѓаат на овие заболувања, а 18 проценти на малигните. Се проценува дека во светот, во наредните десетина години од кардиоваскуларни болести ќе умираат повеќе од 25 милиони луѓе годишно.
„Не само кај нас, туку секаде во светот, освен во супсахарска Африка, е зголемена смртноста од кардиоваскуларни болести. Таа е водечка причина за умирање на луѓето. Загрижуваат се' почестите случаи на помлади, машки лица, на возраст од 30 до 40 години, кои доаѓаат со акутен инфаркт, што во поранешни времиња беше реткост. Карактеристично е што жените во продуктивниот период поретко заболуваат од кардиоваскуларни болести, а по 30 години веќе се изедначуваат со процентот на заболени од машката популација. По 50-годишна возраст, во годините на менопаузата, заболуваат поголем процент жени отколку мажи“, вели д-р Лидија Попоска, портпаролка од Клиниката за кардиологија.
Таа потсетува дека како главни причини за срцеви и мозочни удари се високиот холестерол, крвниот притисок, дијабетесот, пушењето, алкохолот, прекумерната тежина, но одредена улога играат и наследните фактори. За да се намали ризикот од болести на кардиоваскуларниот систем со што ќе падне трендот на пораст на бројот на болни, лекарите препорачуваат да се прават почести контроли на матичен лекар. Најдобра одбрана е консумирањето здрава храна, овошје, зеленчук, пилешко месо, риба, поголема физичка активност, пешачење, џогирање, како и избегнување стресни состојби.
Мозочни удари
Карактеристично е што во последниве години има нагли температурни промени во одредени периоди од годината, час е топло, час е ладно, врне дожд, снег, има, па нема сонце, зголемена е влажноста на воздухот...
Сето тоа влијае, како врз здравите, уште повеќе врз хронично болните од кардиоваскуларни болести кај кои честите временски промени лесно предизвикуваат мозочни удари.
|