МЕРИДИЈАНИ
Говорот под контрола
Роберт Скиделски
Истражувачкото новинарство станува дискредитирано кога е поткупено да „ги демаскира“ приватните животи на познатите
Неодамна на книжевна манифестација во Велика Британија се најдов себеси на панел-дискусија за слобода на говорот. За либералите слободата на говорот е клучен показател на слободата. Демократиите се залагаат за слобода на говорот; диктатурите го задушуваат.
Кога ние на Запад гледаме кон надвор, ова станува наш став. Ние ги осудуваме владите што ги замолчуваат, затвораат, па дури и ги убиваат писателите и новинарите. Организацијата „Репортери без граници“ води евиденција: само оваа година 24 новинари се убиени, а 148 затворени. Дел од ветувањата што ги гледаме во „Арапската пролет“ е ослободување на медиумите од стисокот на диктаторот.
Сепак, слободата на говорот на Запад е под притисок. Традиционално британскиот закон наметнува две главни ограничувања на „правото на слободен говор“. Првото забранува употреба на зборови или изрази кои најверојатно би го нарушиле јавниот ред; вториот е Закон против клевети. Тие се доб��и основи и за - сочувување на мирот, и заштита на репутацијата на индивидуалци од лаги. Повеќето слободни општества ги прифаќаат ваквите ограничувања како разумни.
Но, законот неодамна стана уште порестриктивен. „Подбуцнување на религиозна и расна основа“, и „подбуцнување на омраза врз основа на сексуална ориентација“ сега се новите незаконски дејства во повеќе европски земји, независни од каква било закана по јавниот ред. Законот се префрли од забрана на јазик кој најверојатно ќе предизвика насилство до забрана на јазик кој има намера да донесе навреда.
Јасен пример за ова е Законот против негирањето на холокаустот. Да се негира или минимизира холокаустот е кривично дело во 15 европски земји и Израел. Може да се дискутира дека холокаустот беше злосторство толку единствено гнасно што го квалификува како специјален случај. Меѓутоа, специјалните случаи имаат навика да се мултиплицираат.
Франција направи да биде незаконско негирањето на какво било „меѓународно признато злосторство против човештвото“. Бидејќи во муслиманските земји е незаконско да се нарече масакрот врз Ерменците од 1915-1917 година како „геноцид“, во некои западни земји е незаконско да се каже дека не е. Некои источноевропски земји особено го забрануваат негирањето на „комунистичкиот“ геноцид.
Класичен пример е начинот на кој „семејство“ го замени „брак“ во јавниот говор, со импликација дека сите „начини на живот“ се подеднакво вредни, и покрај фактот дека повеќето луѓе инсистираат на тоа да стапат во брак. Стана табу да се опише хомосексуалноста како „перверзија“, иако ова беше токму зборот што се користеше во 60-тите години од радикалниот филозоф Херберт Маркус (кој ја фалеше хомосексуалноста како израз на имање различно мислење). Во денешна атмосфера што Маркус би ја нарекол „репресивна толеранција“, таквиот јазик би се сметал за „жигосување“.
Социолошкиот императив што стои зад ширењето „политичка коректност“ е факт дека ние повеќе не живееме во патријархални хиерархиски монокултурни општества кои манифестираат општ, ако не и ирационален, договор за основни вредности. Патетичните напори да се всади здраворазумното размислување за „британското“ или „холандското“ во мултикултурни општества, без разлика колку и да е добронамерно, сведочи за пореметување во заедничкиот идентитет.
Одбраната на слободата на говорот е отежната од злоупотребите на популарните медиуми. Потребни ни се слободни медиуми за да се демаскира злоупотребата на моќта. Но, истражувачкото новинарство станува дискредитирано кога е поткупено да „ги демаскира“ приватните животи на познатите кога во тоа не е вклучен никаков јавен интерес. Интересните гласини мутираа во напад врз приватноста за што весниците тврдат дека секој обид да се задржат надвор од спалните на луѓето е напад врз слободата на говорот.
Знаете дека доктрината е во неволја кога дури ниту оние што тврдат дека ја бранат разбираат што тоа значи.
(Авторот е член на британскиот Дом на лордови, професор во пензија по политичка економија на Универзитетот Варвик и пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“) |