02.08.2012, 16:06 Повторно се продаваат локали во градските катни гаражи
Почетната цена за квадрат изнесува 2.000 евра, односно 1.750 евра без ДДВ. Поевтини се дуќаните во гаражата што се гради кај Цветен пазар
Градските власти по трет пат ќе се обидат да го продадат просторот наменет за ресторан и кафуле на три нивоа сместени во двете градски катни гаражи во изградба. Дуќаните, како и претходно, ќе се понудат на продажба по пат на лицитација и тоа со истата цена како и на претходните две неуспешни наддавања.
Просторот за ресторанот е со површина од речиси 500 квадрати, се наоѓа во гаражата што се гради кај Цветен пазар и почетна цена за квадрат изнесува 1.750 евра без ДДВ. На закажаната лицитација во септември, на продажба ќе се даде и уште околу 790 квадрати простор сместен во истиот објект што се наоѓа на приземје.
Дуќаните, пак, сместени во катната гаража кај „Беко“ се продаваат поскапо, односно почетна цена за квадрат изнесува 2.000 евра без ДДВ. На лицитацијата ќе се понудат три локали, по еден на приземје и првиот кат и дуќанот предвиден за кафе-бар на три нивоа со вкупна површина од околу 235 квадратни метри. Оние што ќе понудат најголема цена на лицитацијата ќе можат да ги уплатат парите на 12 рати.
Инаку, досега Градот успеа да продаде неколку локали и тоа уште на првата лицитација. Втората лицитација, всушност, не се одржа, бидејќи немаше заинтересирани понудувачи. Првиот пат лицитираа и станаа сопственици на деловниот простор, „Тинекс“ и извесна фирма „Калдрма“. (Дс.Т.) |