„Јелен демофест“
Соединување на регионалните млади музички сили
Фестивалот за демо рокбендови, „Јелен демофест“ од 27 до 29 јули по четврти пат ќе тргне во офанзива врз шундот и кичот во регионот
Бојан Шашевски
Во екот на летните музичките доживувања под отворено небо, босанскохерцеговачкиот фестивал „Демофест“ веќе четврта година ќе се погрижи на тврдината Кастел во Бања Лука да донесе свеж звучен бран од регионални алтернативни рок-групации, неоткриени музичари, но и докажани светски артисти. Средновековниот амбиент на Кастел е идеална дестинација за фестивалџиите, рок-фанатиците и љубопитните музички зависници.
Организаторите на авантурата наречена „Јелен демофест“ од 27 до 29 јули по��торно ќе тргнат во офанзива врз шундот и кичерајот, а истовремено ќе се обидат да претстават возбудливи бендови што ќе се натпреваруваат за неколку награди, снимање албум, но и за сопствена афирмација во балканската музичка сцена. Бината ќе ја делат бендови од Србија, Македонија, Словенија, Хрватска, Црна Гора и од Босна и Херцеговина. Меѓу триесетте изведувачи што ќе учествуваат во официјалниот дел е битолскиот хардкор метал-бенд „Агенст дем ол“, но и фузијата од електроника, класична и амбиентална музика на виолинистот Глигор Кондовски од Тетово.
Но, иако фестивалот „живее“ низ електрицитетот на младите бендови, ревијалниот дел на „Демофест“ му дава дополнителен шмек и атрактивна димензија. Содржини за сечие уво. Ритмична гимнастика за отворени умови, но и за попрефинети вкусови.
За првата вечер е најавено гостувањето на Келис. Американската пејачка е добитничка на награда „Брит авордс“, а двапати е номинирана и за престижната ЕМИ. Сестраниот музички уметник Трики ќе гостува во втората вечер, а велшкото алтернативно панк-реге-метал лудило „Скиндред“ ќе бидат дел од финалето заедно со ланските фестивалски победници „Трисам“.
По регуларниот дел предвидена е афтерпарти програма до раните утрински часови со реномирани електронски диџеи како Јан Пули, Енди Ворд и Биг Бад. Освен музичкиот дел, „Демофест“ повторно се очекува да понуди и креативни работилници, проекција на документарни филмови, авангардни претстави, изложби и голем број културно-забавни содржини. |