Појадок кај „Густо“
Седни и јади
Велат - појадокот изеди го сам, ручекот подели го со пријателите, а вечерата дај им ја на непријателите
Валентина Тодоровска
Појадувај како крал, ручај како принц, а вечерај како питач е константата со која тргнавме во истражување - што и како наутро може да се касне во нашата престолнина. Историчарите на добрата кујна знаат дека првиот оброк е прашање на навика (а се заведени 58 проценти што ја немаат) и дека се разликува низ културите низ светот - Англичаните го започнуваат денот со кајгана, колбаси и грав, за разлика од Јапонците кои на менито имаат ориз и морски плодови... Ако размислувате за културите каде што луѓето успеваат да одржат здрава тежина, како што се Французите и останатите медитерански на��оди, ќе забележите дека тие со уживање јадат слатки, а прославени се со импресивен избор на полномасни сирења, ама ги „густираат“ не во големи количества и не - одеднаш.
Ние сме за варијантата „да“ за појадокот, а во прилог ќе наведеме дека во текот на ноќта се намалува концентрација на шеќерот во крвта и прескокнувањето на овој оброк негативно влијае на концентрација и на метаболизмот. Освен тоа, многу е важно да не ги броите калориите, да се олабавите, бидејќи константен стрес го стимулира производството на кортизол (хормонот на стрес). Затоа, внимавајте.
За многумина 10 часот е идеално време за појадување, но, судејќи според брзината на момците што послужуваат во „Густо“, изгледа дојдовме прерано. Ме разбирате што сакам да кажам? Се одлучивме за појадок опишан како „класичен“ во менито на оваа пицерија. Две јајца на око, пржен свински врат, малку кашкавал, домат и краставица за декор и сето тоа „облагородено“ со две парчиња леб исечени во форма на триаголници. Слика достојна за фотографирање, па тоа што масата не ни ја пребришаа пред сервирањето, го ставивме во некој неважен фајл во сеќавањата. До „целта“ не се чека многу - појадокот го „трошиме“ во пријатен амбиент, ги гледаме минувачите и спокојно пиеме чај или кафе, што во финалниот резултат има - 180 денари. Вреди да се проба!
Таткото на сите гурмани, грчкиот филозоф Епикур, беше вистински хедонист, а тој хедонизмот го опишуваше како антитеза на каков било вид диета и воздржување. Од друга страна, истражувањата покажуваат дека воздржување, како типична карактеристика на диетите, условува луѓето уште повеќе да се здебелат... Ете, затоа ве провоцираме денот да го почнете со ред - со домаќински и вкусен појадок.
Чудесното јајце
Како што се наведува во книгата ,,Храната - значаен фактор за здравјето“ од Нада Романова-Бошевска, јајцето е чудесна творба на природата во кое се сконцентрирани невообичаено многу хранливи и заштитни материи.
Извонредниот состав го става јајцето на највисоко место на ранг-листата на храна со комплетен биолошки состав на протеини, минерали и витамини (А, Д, Е, Б-1, Б-2, ПП, Б-6, Б-12, минерали (макроелементи) Ца, Мг, П, К и минерали (микроелементи) железо, бакар, сулфур, цинк, флуор, јод)... Но... Холестеролот е причина за намалено внесување јајца во исхраната, особено кај лица над 40-годишна возраст и кај оние што имаат висок холестерол. Тоа се однесува на луѓе што имаат покачен артериски крвен притисок, лица со претрпен инфаркт и слично. Се препорачува не само редуцирање на жолчката, туку во некои диети и целосно исклучување од исхраната, во зависност од конкретниот случај. Тоа не се однесува на белката, затоа што не содржи холестерол и како извор на протеини може да се консумира без ограничување. |