Тренд
Фалсификатите ги продаваат оригиналите
Додека модните куќи со сите сили се борат против лажните примероци, новото истражување сугерира дека би требало да се откажат од залудната борба! Универзитетот Нортвестерн открил дека продажбата на дизајнерските торби расте кога се зголемува продажбата на лажни и евтини копии
Омилениот предмет на женскиот копнеж, на пример, чанта со потпис „Луј Витон“ или „Прада“ за многумина е недостижен, дали било рецесија или не. Затоа често се посегнува по копии, кои знаат да бидат особено уверливи, а и чинат десетици пати поевтино од оригиналот.
И додека модните куќи со сите сили се борат против лажните примероци, новото истражување сугерира дека би требале да се откажат од и така залудната борба! Универзитетот Нортвестерн открил дека продажбата на дизајнерските торби расте, кога се зголемува и продажбата на лажни и ефтини копии, пренесува „Дејли мејл“.
Економистот Ји Кван ја оспорува теоријата дека продажбата на секоја лажна торба значи и една помалку продадена скапоцена дизајнерска торба. Тој тврди и дека фалсификатите можат да служат како бесплатна реклама на вистинските предмети и дека им ја зголемуваат популарноста.
Со него се согласува и професорката по маркетинг, Рене Ричардсон Гослин, а според нејзината теорија, жената што ќе купи евтина верзија на скапа торба, која брзо ќе и' се распадне, почнува да ја цени вистинската работа. Таа открила како за неколку години повеќе од половина жени од средната класа ги замениле копиите на торбите со оригинали, иако многу од нив порано никогаш не би дале 1.000 евра за торба.
Копнежот за скапоцена торба може да биде навистина голем, особено кога славните и богатите на некој од црвените килими ќе ги прошетаат своите најнови модели на торби, вредни и по неколку илјади евра, а копијата на обичните смртници често им е подостапна. Но, пред купувањето „добар“ фалсификат, секоја жена треба да се сети како таквите торби, всушност, ги изработуваат деца во нечовечки услови. Тоа е и повеќе од добра причина за откажување од купување копии. (Ј.П.) |