„Човекот што ги сакаше калинките“ е „Роман на годината“ на „Утрински весник“
Годинава наградата се доделува по дванаесетти пат, а одлуката ја донесе жирито во состав: Томислав Османли, академик Луан Старова, д-р Соња Стојменска-Елзесер, м-р Жарко Кујунџиски и Манчо Митевски
Невена Поповска
Романот „Човекот што ги сакаше калинките“ на писателот Душко Родев, во издание на книгоиздателството „Македонска реч“ од Скопје, со мнозинство гласови од петчлено��о жири е избран за лауреат на наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“
Престижната книжевна награда на „Утрински весник“ годинава се доделува по дванаесетти пат, а одлуката ја донесе жирито со состав: Томислав Османли (претседател, минатогодишен добитник на Наградата), академик Луан Старова, д-р Соња Стојменска-Елзесер, м-р Жарко Кујунџиски и Манчо Митевски (претставник на „Утрински весник“).
Жирито во своето експозе информираше „дека годинашната понуда се одликува со разнородност на темите и стилските одлики на предложените романи и различност на генерациските припадности на авторите, но и со доминација на реалистичките повести и пристапи“. Неговите членови се согласија дека годинашната романескна продукција, генерално, не успеа да понуди книжевно особено возбудливи видувања, но се согласи дека во рамките на годинашниот стандарден квалитет, во голем дел од творбите се чувствува, како мошне солидниот занатски пристап, така и бележитиот вкупен книжевен опит на авторите.
Одлуката за доделување на престижното литературно признание беше донесена низ двомесечно, внимателно промислување и конструктивно дијалогизирање над книжевните својства на предложените прозни книги, по неколкукратни тајни гласања. Листата на кандидатите за наградата се редуцираше до претпоследниот избор во кој влегоа романите: „Готен“ на Роберт Алаѓозовски (во издание на „Готен“), „Вечно сегашно време“ на Владимир Јанковски („Темплум“), „Наспроти ветрот“ од Владимир Попов (издание на „Култура“), „Се гола вода мој Ѓорѓија“ од Гоце Ристовски (самостојно издание) и „Човекот што ги сакаше калинките“ од Душко Родев (во издание на „Македонска реч“), а во финалниот избор влегоа романите со историски теми: „Готен“ од Роберт Алаѓозовски и „Човекот што ги сакаше калинките“ од Душко Родев.
Осврнувајќи се на наградениот роман комисијата во својата одлука подвлече дека: „Годинашниот лауреат ’Човекот што ги сакаше калинките‘ од Душко Родев е сугестивен историски роман од времето на илинденскиот период, посветен на тревожната автентична приказна на војводата Крсто Асенов, раководител на кукушката чета и неговата љубов и брак со Ана Малешевска, учителка, и самата борец во четата. Врската меѓу тие два лика, изложена на скриени неодобрувања, завист и интриги од соборците, ќе стане повод за револуционерната осуда и за стрелањето на главниот јунак од припадниците на сопственото движење. Романот на Родев, се вели во образложението, го нијансира житието и ликот на војводата Асенов, доловувајќи ја преку тој психолошки портрет и драмата на илинденското (би се рекло и не само тоа) ослободително движење. Етичките дилеми искажани врз фонот на илинденската епопеја, добиваат созвучја кои лесно можат да бидат препознаени и во нашиот современ свет. Романот на Родев ги продолжува најдобрите традиции на македонската историографска проза и ги реактуализира пред денешниот читател историските настани, ликови и топоними на кои им се заканува забот на заборавот. Тој ја поттикнува свеста за потребата од постојано навраќање кон историските премрежиња, и тоа од агол од кој може да се согледа и нивната хумана димензија. Со ненаметлив, наместа бележнички и прилично економичен стил, авторот ги преточува длабоките психолошки и емотивни ерупции во стегнато четиво кое и дозволува на приказната, инаку составена од самиот живот, да ја пренесе својата несомнена енергија и врз читателот. Во романот ’Човекот што ги сакаше калинките‘, продолжуваат членовите на комисијата, провејуваат повеќе теми и запрашаности: од онаа за револуционерната честитост, преку темите за индивидуалните величија, но и подлост; навестувањата на драмата на човечката љубов и револуционерниот морал; прашањата за човечката честитост и идеализмот од едната, и за тивкиот опортунизам пред револуционерниот суд на сведоците на таа драма, од другата страна, се до запрашаноста за возможноста на чистата љубов во услови на револуционерните превирања, што конечно н поставува и пред авторовата, дискретно сугерирана дилема – го ништи ли Револуцијата највисокиот човечки квалитет, љубовта?... Конечно: каква ли ќе е слободата што не умее да застане зад една чиста човечка врска? Во таа смисла, романот со поетичниот наслов „Човекот што ги сакаше калинките“ на релативно едноставен начин покажува како јакобинската ревносност и љубовта раснат во трагично непомирливи категории. При тоа љубовта и човекувањето, во емоционалниот епилог на романот, ги покрива суровиот забо��ав на историјата. Во својот роман Душко Родев подига лиричен книжевен паметник не само на една историска фигура, туку и на трагизмот на слободата во време на историско превирање.
Тоа го прави на доволно уверлив начин за да стане лауреат на наградата за ’Роман на годината‘ на ’Утрински весник‘.“
На средбата со новинарите наградениот автор заблагодарувајќи се на укажаната чест и нарекувајќи ја наградата на „Утрински весник“, „Европска книжевна награда“ се осврна на награденото дело, при што подвлече: „ ’Човекот што ги сакаше калинките‘ е роман за љубовта и храброста, за зависта и омразата, за величината и подлоста. Пишуван врз база на историски податоци, ’Човекот што ги сакаше калинките‘ обилува со малку познати детали од борбите во Кукушко и Арџанскиот Ѓол, но и за индивидуалната судбина на војводите чиишто имиња одамна се дел од илинденските легенди. Тоа е роман за идеализмот, но и за напуштеноста и осаменоста, истовремено и за достоинството пред лицето на смртта“. |