Дали колагенот има вистински ефект на кожата?
Најновата тајна состојка на индустријата за убавина, што се наоѓа во кремите за лице, серумите па дури и на менијата во рестораните не е онаква како што се прикажува
Ако го напишете зборот „колаген“ на „Гугл“ ќе добиете неверојатно различна група резултати. Од популарните сајтови на кои се продаваат пудри, пилули, кремови за лице и пијалаци. Може да се инјектира, да се проголта, па дури и да се користи како црево за колбаси. Исто така, стана состојка „ѕвезда“ и на еден шик-ресторан во Лондон. Но, што прави најбогатиот протеин во човечкото тело на Интернет и на задолжителните менија?
Околу 30 отсто од сите протеини во нашето тело се составени од колаген, кој формира цврсти плочи што ја поддржуваат структурата на кожата, коските, ’рскавицата и внатрешните органи. Ја одржува нашата кожа цврста и еластична, а неговото намалување се поврзува со стареењето. Во 80-тите години од минатиот век, на пазарот на козметичката хирургија беа воведени инјекции со колаген, и тие брзо станаа популарно средство за задебелување на усните. Но, додека другите пополнувачи, па дури и имплантите, ја истиснаа популарноста на колагенот како средство за напрчени усни, козметичката индустрија - дури и во потрага по еликсир на младоста - почна со користење на материјата на покреативен начин.
Бевис Ман, портпарол на Британската фондација за кожа, објаснува: „Во текот на природното стареење, колагенот и еластичните ткива во кожата се трошат, што значи дека кожата почнува да венее и се збрчкува. Губењето на мастите од кожата, проследено со повеќегодишни движења на лицето, значи дека кожата изгледа помалку исполнета и добива брчки што се формираат околу очите и на челото со текот на времето“.
Затоа не е изненадување што колагенот го привлече вниманието на едно од најголемите имиња во козметиката. „Лореал“ нуди колаген за намалување на брчките, вклучувајќи крем за очи со колагенска „биосфера“ за спречување појава на ќеси под очите (по цена од 11 фунти за 15 милилитри, што е приближно колку три мали лажичиња), додека новиот крем за лице, исто така, од „Лореал“, што ќе биде лансирана во април под брендот „Виши“, го стимулира производството на колаген во сопствената кожа. „LiftActiv Derm Source“ содржи растителен шеќер рамноза од бразилското растение мачкина канџа, а производителот тврди дека ги тера колагенските клетки да се однесуваат онака како што се однесуваат во младата кожа.
Но, покрај тоалетното столче, љубителите на колагенот сега можат да ја добијат дозата и на масата за јадење. Лондонскиот ресторан „Гилгамеш“ почна да нуди дегустирачко мени што се базира на тој протеин. Менито вклучува вкусни кнедли, салата од алги, супа, суши и сладолед, сите со додаден колаген, подготвено од готвачот Ијан Пенгили. Тој е убеден дека јадењето колаген „и' помага на кожата“, и додава дека бил инспириран од колагенското лудило во Јапонија, каде што рестораните „за убавина“ го додаваат протеинот во месото, рибата и топлите садови со зеленчук; продавниците продаваат „тестенини и јадења“ збогатени со колаген, природно богати со колаген, како што се кожа од пилешко и перки од ајкули, и тоа со зголемена популарност. Пенгили, кој вели дека 90 отсто од луѓето што ручаат во рестораните и го пробуваат популарното мени се жени, добива теглички со колаген во прав за 45 фунти, направен од рибини коски дури од Јапонија. Се надева дека следниот чекор ќе биде коктел со колаген: десертен пијалак како тирамису со додаден протеин.
Оние што сакаат слатко се цел на компаниите што експериментираа со слатки работи подготвени од тој материјал - „јадете за да бидете убави“ колагенски слатки што се продаваа во Велика Британија во 2009 година, додека кон крајот на минатата година една бразилска компанија најави дека ќе лансира „бонбона за убавина“ без шеќер, но со внесен колаген.
Но, дали јадењето колаген или мачкањето на лицето има некаков вистински ефект на кожата? Џонатан Хадграф, професор во пензија по биофизичка хемија на Универзитетот во Лондон, го истражуваше пенетрирањето во кожата, од крајот на 60-тите години, и тој е скептик. „Се чини дека во светот на убавината владее погрешно мислење дека 60 отсто од се' што се става на кожата се апсорбира. Тоа е далеку од вистината. Во реалноста, се апсорбираат само неколку проценти. Кожата се разви и стана многу добра бариера, поради што не се труеме од материите со кои доаѓаме во контакт“.
Додека никотинот ефективно навлегува во кожата, а 30 отсто од никотинот се апсорбира за 24 часа, инсулинот - поголема молекула што се користи за лекување дијабетес - не е во можност да навлезе поради големината. „Колагенот е голем протеин, и едноставна евалуација на хемиските својства сугерира дека нема да навлезе доколку не биде принуден, со физички оштетувања на кожата, на пример, со игла“, вели тој.
Џули Мекманус, шефица за научни истражувања во „Лореал“, се согласува дека колагенот за намалување на брчките не навлегува во кожата. „Тоа е дехидрирана форма на колаген, која се надувува ��о влажноста на кожата, и дава задебелувачки, мазен ефект“. Како што основата може да даде само привремена илузија за добар изглед, така овој крем создава привремен младешки изглед. Спротивно на тоа, активниот шеќер рамноза во кремот „Виши“ „влијае на активноста на клетките што продуцираат колаген во кожата“.
Што се однесува до јадењето колаген за вечера, или како десерт, регистрираната диететичарка Ана Рејмонд не е убедена дека тоа, само по себе, може да има потенцијал да ги спречи знаците на стареење. „Тоа е област за која се потребни истражувања. Можеби има плацебо ефект: ако луѓето веруваат во тоа, можеби за нив е доволно да има ефект“. Таа препорачува балансирана диета и вели дека посното месо и јајцата содржат есенцијални аминокиселини што го стимулираат создавањето колаген во нашите тела.
Кунико Такахачи, нутриционистка од универзитетот „Ганма“ во Јапонија, се согласува со тоа. Во нејзината книга „Вистина и лаги за информациите за храна“ таа пишува: „Добриот протеин содржи доволно количество од сите видови есенцијални аминокиселини, а повеќето животински протеини спаѓаат во таа категорија. Колагенот не е ништо подобар од еден просечен протеин“.
Иако на пазарот нема недостиг од колагенски продукти, Ман верува оти постои подобар и поефикасен начин за заштита на колагенот во нашата кожа. „Ако луѓето се навистина загрижени за изгледот на својата кожа, двете наједноставни работи што можат да ги направат е да се откажат од пушење и да ја заштитат кожата од натамошно оштетување од сонцето, користејќи кремови за заштита од сонце. И двата начина го забрзуваат распаѓањето на колагенот, што во основа значи дека изгледате постаро отколку што навистина сте. (Индепендент)
|