Бесплатна бања барале и богати пензионери
Првата група заминува на бањско лекување на товар на државата в понеделник
Јасмина Јовановска
На бесплатно бањско лекување на товар на државата побарале да одат и богати пензионери со околу 33.000 денари пензија. Од Скопје имало вакви барања од двајца пензионери, а слични барања имало и во другите општини. Пензионер, пак, кој веќе лани бил на бања на товар на државата, годинава пак се пријавил, но сега барал да замине на некоја бања во Словенија. Имало и пензионери, пак, кои биле известени дека добиле бесплатна бања и кои веднаш заминале на бања штом дознале, но биле вратени, со објаснување дека има точно дефинирани датум кога кој може да го користи ваучерот од државата. Со вакви примери Министерството за труд и социјална политика вчера илустративно укажа колкав е интересот на пензионерите за бесплатното бањско лекување. Првата група пензионери на бања заминуваат в понеделник.
Годинава за 7.000 места, се пријавија 16.717 пензионери. Од трката кој ќе оди на бања, во старт биле дискфалификувани 2550 пензионери поради нецелосна документација, но најголем број поради тоа што веќе лани го користеле правото на бесплатна бања. „Од другите барања имаше и такви што приложиле дека примаат мала пензија, без да ја пријават и пензијата што ја добиваат од странство“, објаснува Ирена Ристеска, раководителка на Одделот за пензиско осигурување.
„Поправеден и потранспарентен избор на корисници на бесплатна бања годинава и не можеше да се направи“, потенцира министерот за труд и социјална политика, Џељаљ Бајрами, бидејќи селекцијата се правела по електронски пат. „Предметите беа со шифра за да комисијата не им го знае идентитетот и бодирањето беше исклучиво по критериумите, од кои најмногу бодови и натаму носи висината на пензијата“, рече Бајрами.
Податоци што се користеле за бодирање се електронски податоци од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, барања за користење на услугата во хартија и дополнителни податоци, а во предвид биле земени и пензионери, кои со исплата на пензија почнале заклучно со декември лани.
„Селекцијата беше направена на ниво на подрачни единици на пензискиот фонд, а не на ниво на цела држава, така што при помал број кандидати и селекцијата е поправедна“, рече Бајрами.
Колку државата точна ја чини бесплатната бања за 7.000 пензионери Бајрами не кажа точно, но информираше дека еднодневен престој чини 900 денари.
Пакетот опфаќа шест ноќевања и превоз, со три оброка дневно и задолжителен контролен медицински преглед пред поаѓање, откако ќе се вратат и во текот на користењето на услугата, доколку има потреба.
Преку овој владин проект, во кој се вклучени пензионери со најниски примања, минатата година осум илјади лица заминаа на бања. |