Мислења
Ситно брои до избори
Петер Арсовски
Прв пат по подолго време ќе имаме неизвесни избори, односно избори на кои се можни секакви изненадувања
Се' почесто сме сведоци на затрпување на електоратот со анкети. Како од кој табор ќе се појават анкетите, така таа партија води, а другите заостануваат, дури и по цена на апсурдот. Генерално, кога ги гледам анкетите и колку тие се користат како средство за политички поени, чувствувам потреба да ги искоментирам и анкетит�� и анкетоманите.
Прво, се поставува прашањето колку на анкетите може да им се верува. Одговорот е многу едноставен: на добрите анкети може многу да им се верува. Кога се направени со добра методологија, на доволен и репрезентативен примерок, и без влијание врз резултатите, анкетите се одличен показател за расположението на гласачите. Проблемот е што партииве, како и се' друго, така и анкетите ги сфатија како „поле за културен натпревар“, па ги прават не за да дознаат, туку за да влијаат на гласачите. Прашањето што следува е како да ги распознаеме добрите анкети од лошите. Мислам дека и тука нема помош. Единствен спас е плурализмот во самите анкети, односно фактот дека колку што се појавуваат анкети што влечат на една страна, толку се појавуваат анкети што влечат на спротивната, па ние како набљудувачи можеме да правиме просек. Тој феномен, иако е жален, е единствено што ни останува за да можеме да процениме кои бројки се блиску до вистината. Така, со текот на времето кредибилните анкети ќе се одвојат од просекот.
Второто прашање што се поставува е колку анкетите влијаат на расположението на гласачите. Повторно, за жал, нема едноставен одговор, туку мора покомплексно да се разгледаат параметрите на самите анкети и средината во која тие се појавуваат. Најчесто анкетите имаат влијание во смисла на засилување на постојните когнитивни предиспозиции, а не во насока на промена. Дополнително, имајќи предвид дека постојат разновидни анкети, нивното вкупно влијание секогаш е минимално. Постои можност една анкета да влијае на перцепцијата на гласачите врзана за прашањето „кој ќе победи на изборите“, но тоа влијание, без исклучок, е краткотрајно и транзиторно. Агрегатниот ефект на „валканите“ анкети е цинизам, понизок одѕив, апатија кон политиката воопшто.
Затоа, ако се погледнат бројките и показателите во последните неколку месеци, некои заклучоци сами се наметнуваат. Прво, неуморно паѓа рејтингот на власта. Секој месец владејачката коалиција губи по околу 15.000 гласачи. Затоа, и само затоа, власта инсистира изборите да бидат брзи. Имајќи ги предвид општите показатели треба да се очекува дека кон крајот на летото рејтингот на власта ќе биде понизок од оној на опозицијата, а тоа значи дека на власта и' одговараат избори најдоцна до јуни. Се' потоа би било коцка. Од друга страна, пак, рејтингот на опозицијата се подобрува, но многу полека, со некое темпо од 3.000 до 5.000 гласа месечно. Затоа, на опозицијата и' одговараат избори подоцна.
Сепак, еден генерален заклучок е неизбежен - а тоа е дека трендовите на поддршка се сменети неповратно, и со тоа опозициската енергија во електоратот расте и ќе продолжи да расте. Ова како податок наметнува неколку заклучоци. Прво, можни се изненадувања, односно можно е трендот на падот на рејтингот да се интензивира, во зависност од околностите. Натаму, дури и опозициската енергија да биде исклучена од парламентот (ако не добиеме влада од сегашната опозиција или ако има бојкот на изборите), таа не може да се исклучи од вкупното политичко милје - па, така, не се исклучени социјални безредија по изборите.
Во основа, на овие избори партиите ќе имаат улоги обратни од оние во 2006 година. ВМРО-ДПМНЕ овој пат е партијата што ќе претставува стоење во место, зачмаеност, неизвесна иднина и заморен материјал. По повеќегодишно владеење, тие ќе бидат ставени во позиција да ја бранат својата статус кво стратегија. Од друга страна, нивната моќна ПР и партиска машинерија, како и интензивната работа на терен, можат да донесат резултат. СДСМ овој пат (со нивната евроатлантска стратегија) ќе се обиде да симболизира промени кон подобро, забрзување на интеграциите, стабилизација на економијата, напредок. Тука за опозицијата ќе биде клучно ребрендирањето на водството, колку добра кампања ќе спроведат и каква ќе биде нивната вкупна изборна понуда. На овие избори граѓаните ќе избираат за каква иднина на државата ќе се определат, и тука оските на прекршување ќе бидат НАТО и ЕУ и, се разбира, прашањето за името.
На крај, за среќа, она што со сигурност можеме да го заклучиме е дека прв пат по подолго време ќе имаме неизвесни избори, односно избори на кои се можни секакви изненадувања.
(Авторот е магистер
по политичка комуникологија) |