Број 3533  четврток, 17 март 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска
Онлајн вести

Насловна








Site Meter

Седмиот печат

„Црниот лебед“ е совршен, но не и добар филм

Сунчица Уневска

„Црниот лебед“ на Дарен Аронофски е приказна за љубовта, за опсесијата, за деструкцијата. Овој пат Аронофски својата идеја ја сместува во кршливиот свет на балетот, сакајќи да ги потенцира контрастите на убавината и стравот, на страста и паранојата, на вознесеноста и опасноста, сакајќи да оди по работ, по оној застрашувачки раб меѓу посакувањето и немоќта тоа да се оствари. Всуш��ост, од „Лебедово езеро“ овој екстраординарен автор создава еден психотичен свет, свет на болка и пресметка со самиот себе. „Црниот лебед“ станува трилер, кој ја истражува другата страна на оваа прекрасна приказна, онаа зад огледалото, онаа каде што се крие опасноста од залудно потрошениот живот.

Целата оваа приказна која во себе има многу светлина и убавина, во делото на Аронофски станува само мрачна и вознемирувачка. Лебедот се претвора во своја спротивност, не поради црниот лебед и неговата моќ и заводливост, туку поради немоќта како да го победи црниот лебед, како да му се препушти, а повторно да копнее по својата слобода. Проблемот на Нина Сејерс (Натали Портман), која по секоја цена сака да биде лебедовата кралица, не е умешноста и изедначувањето со белиот лебед, туку црниот лебед, онаа незапирлива страст, онаа сила која влече надолу и која бара голема храброст, откако ќе и се препуштите да се вратите назад. Лирој (Винсент Касел) верува дека таа може да биде белиот лебед, но не и црниот лебед, кој бара лудост, кој бара борба, кој го вади злото, кој ве избезумува додека се соочувате со похотноста, со итрината, со одмаздољубивоста.

Барајќи начин како да помине од другата страна и да го отелотвори црниот лебед, Нина влегува во светот од кој се плаши, во светот во кој нема контрола, во светот што води кон врвот на задоволството и на болката. Притисокот е неверојатен, и таа станува својот сопствен непријател, мачена од параноја и чувство на прогонување се претвора во својот маченик, но и во господар кој мора играта да ја одигра до крај.

Интересно е дека Аронофски колку што се обидува да направи паралела меѓу „Лебедовото езеро“ и животот на Нина, толку се заплеткува во сопствената игра. Тој филмот го води онака како што го води и ликот на Нина, сакајќи да има целосна контрола на приказната, да ни ги покаже контрастите низ строго замислените сцени, низ некои ситуации за кои не знаете дали се реални или замислени, се со цел да го потенцира психолошкиот хаос. Но, сето тоа и штети на приказната во целина, онолку колку што и штети и на Нина за да ги отелотвори и белиот и црниот лебед со подеднаква страст и преданост.

Аронофски влегува во сопствената стапица и прави строго контролиран филм, кој колку што е совршен, толку има и проблем да биде спонтан, полн со страст и чувства на сцената, но и надвор од неа, да биде лебедова песна на која ќе и верувате, чија болка, борба и немоќ ќе ја почувствувате. Но, не. Тој не создава инстинктивен свет каков што посакува и во самиот филм, бидејќи надвор од паранојата, од интровертноста и клаустрофобичните ситуации, воопшто, и не создава свет. Надворешниот контекст останува празен. Ние ја следиме само Нина, нејзината ситуација дома, нејзиниот вонсериски напор да го постигне она во што вложила толку труд, го следиме единствено нејзиниот успех и пад, кој во таа немилосрдна битка со самата себе, е неминовен.

Од друга страна, филмот е направен совршено. Но, како што вели Лирој, совршеноста не е поврзана само со контролата, туку и со опуштеноста. Тоа и му недостига на филмот. Му недостига тој непосреден пристап, му недостига природноста за да можеме да влеземе во овој комплексен свет и да го доживееме, без некој да не тера што треба да чувствуваме, без да го пренагласува хаосот и патетиката, без да не води само низ мрачните сили. Бидејќи, „Лебедовото езеро“ е прекрасно, и тоа и во болката ја носи убавината и ослободувањето, и во болката го носи животот. Страста е негов неприкосновен дел, нејзината сила е еднаква и во очекувањето и во откажувањето, нејзината моќ е голема и кога љуби и кога мрази.

Натали Портман е исклучителна во секој поглед и сосем заслужено го освои „Оскарот“. Филмот не го понесе тој успех и со право. Аронофски не ни дава можност да ја доживееме лебедовата песна, онаква каква што е, силна, болна, страсна, полна со копнеж, полна со љубов и убавина, полна со светлина и темнина, полна со искушение, како на сцената, така и во животот. Авторот се обиде да ни даде едно парче и да ја лажира сопствената претстава. Но, во тоа не го убеди ни Лирој, а ни нас.


#
Статијата е прочитана 1059 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Насловна
Тиквешански
Политиката не треба да биде печалба
„Човекот што ги сакаше калинките“ е „Роман на годината“ на „Утрински весник“
Враќањето на Гадафи
Тачи се смирил со Тачи
Нулите на Гешковска ѕидаат кули од грешки!
ВМРО-ДПМНЕ си избра нов гувернер
Премногу жени дури и за мене
Нафта е нафта, ама профит е профит
Македонските проблеми станаа поени за Грција
Дајте идеи!
Дали колагенот има вистински ефект на кожата?
Затворот неминовен за проблематичната актерка
Лидерска средба кај претседателот Иванов
Ситно брои до избори
Динамо Киев и Попов меѓу осумте најдобри
Бесплатна бања барале и богати пензионери
Ахмети - ДУИ останува во владата
Карикатура
Продолжуваат напорите за ладење на третиот реактор
Стил
Онлајн вести

"""