02.02.2012, 18:36 Мислења
Јанша по втор пат премиер
Тодор Пендаров
Словенија веќе не може да си дозволи да троши повеќе отколку што произведува
Словенија со изборот на Јанез Јанша за мандатар зад кого стојат четири партии и уште 50 пратеници ја надмина политичката криза која водеше во нови парламентарни избори. Во сегашната економска состојба како во Словенија така и во Европската униј�� тоа ќе беше најлошото решение, истакнуваат сите политички субјекти и сериозните аналитичари.
Зоран Јанковиќ и неговата партија Позитивна Словенија, како и лидерот на словенечките социјалдемократи Борут Пахор, кој се' уште ја врши функцијата премиер, истакнуваат дека ќе бидат конструктивна опозиција и ќе ги поддржат сите оние проекти на новата влада кои ќе имаат развојна компонента, но во исто време многу будно и критички ќе го следат работењето на новата влада. Според Уставот на Словенија, во рок од 15 дена Јанша мора да излезе со состав на новата Влада, а пред тоа во матичните парламентарни тела предложените кандидати за министри мораат да го поминат таканареченото сослушување. Јанез Јанша има богат политички бекграунд. Од дисидент во некогашна СФРЈ и затвореник во воен затвор и сослушуван од првиот човек на КОС, генералот Василевиќ, преку министер за одбрана токму во времето на осамостојувањето на Словенија и воените судири со некогашна ЈНА. Во периодот 2004-2008 беше премиер, а во тоа време Словенија како прва држава од некогашните социјалистички држави успешно претседаваше со ЕУ, а тоа го признаваат и најстарите членки. Ако првиот свој мандат како премиер го почна без некоја финансиска афера, вториот мандат Јанша го почнува со судски процес во кој е обвинет за примање мито за купување борбени возила од фински производител во времето кога бил премиер. Аферата која во Словенија е позната под името „Патрија“ се влече речиси четири години, а Јанша вели дека станува збор за чисто монтиран политички процес, кој му го загорчува животот. Токму затоа и неговиот коалициски партнер Грегор Вирнат, кој сега е претседател на законодавниот дом и со своите осум пратеници е втора по големина коалициска партија, изјави дека во идната влада Јанша не може да ги добие министерствата за внатрешни работи и за правда.
Иако во моментов за кадровските решенија во Словенија само се шпекулира, јасно е само дека новата влада на Јанша од сегашните 18 министерства и министри ќе има само дванаесет. Јанша најави дека Словенија веќе не може да си дозволи да троши повеќе отколку што произведува и затоа во првата половина од неговиот мандат една од најважните приоритетите ќе биде штедењето, пред се' преку кратење на државната администрација. Само за плати за сите буџетски корисници Словенија троши неверојатни 3,5 милијарди евра годишно!!! Со намалувањето на шест министри и шест кабинети Владата ќе заштеди годишно 500 илјади евра, односно вкупните заштеди само од плати треба да достигнат 350 милион евра годишно. Во својот говор кога беше избран за мандатар Јанша најави дека ја прифаќа идејата на опозицијата или подобро речено на сегашниот технички премиер Пахор да се оди и на уставна промена со која странските задолжување ќе се ограничат на 45 проценти од БДП. Во уставната комисија на словенечкиот парламент веќе е формирана работна група која ќе треба да го подготви ова. Ова е и определба на Брисел како една од мерките за заштита пред неконтролираното задолжување на земјите членки. Новината која ја најави помалиот коалициски партнер е дека во иднина јавното обвинителство од Министерството за правда ќе се пресели во Министерството за внатрешни работи. Оваа идеја опозицијата и дел од стручната јавност ја оценија како обид на владата на Јанша за „воведување полициска држава“. Ова, тврдат некои аналитичари, наведува дека Јанша навистина на коалициските партнери ќе им ги препушти сите таканаречени државотворни министерства (одбрана, надворешни работи, финансии и правда, но нема да го даде Министерството за внатрешни работи).
До идниот петок ќе се знаат кадровските решенија за новите министри, а најдоцна до 15 февруари Словенија и формално да добие нова влада. Јанез Јанша отворено најави дека новата Влада ја чека многу тежок период и дека ако оваа владина коалиција ги издржи првите 18 месеци, тогаш тој верува дека со успех ќе го заврши својот четиригодишен мандат. Со 50 од 90 пратеници во законодавниот дом (Државни збор) во словенечкиот парламент Јанша би требало да биде комотен во својата премиерска фотелја. Кога ќе стане збор за кратење на стекнатите права при пензиската реформа партијата на пензионерите како коалициски партнер е многу чувствителна. Јанша јавно истакна дека очекува разбирање од синдикатите на Словенија. Само за потсетување, токму тие пред четири години го поразија Јанша, а пред шест месеци ја срушија и владата на социјалдемократите. Јанша овој пат покажува многу поголема флексибилност и подготвеност да преговара и да изнаоѓа решенија.
Словенечките политичари се „крвави под кожа“ како и сите други и не забораваат на себе и на своите. Но, сепак во изминативе години покажаа, за разлика од нашиве, дека со нивното доаѓање на власт не почнува и историјата, а на прво место им е Словенија како држава. Јанша во својот прв мандат се покажа како голем подржувач на Македонија во нејзините евроатлански интеграции, па затоа за очекување е во идниот период Словенија, во ЕУ, а посебно во НАТО да биде еден од нашите вистински и принципиелни пријатели.
(Авторот е државен службеник
и ги изразува своите лични ставови) |