Ветија - сторија, каматите паѓаат
За почеток, намалувањето е скромно и се движи од 0,5 до еден процентен поен
Соња Маџовска
Комерцијална, НЛБ Тутунска, Прокредит банка ги израдуваа своите клиенти со намалување на каматните стапки на постојните и новоодобрените кредити, како дел од нивната новогодишна честитка. Пониските камати важат од 1 јануари, а за почеток намалувањето е скромно и се движи од 0,5 до еден процентен поен. Сепак, граѓаните и фирмите се надеваат дека годинава банките ќе бидат помалку строги во одобрувањето нови заеми и дека повеќе ќе се даваат кредити. Во рамките на овие позитивни раздвижувања сите прогнози водат кон тоа дека годинава, сепак, кредитната политика ќе се релаксира. Иако каматите на почеток скромно се намалуваат, банкарите ветуваат дека ќе има и дополнител��и намалувања, а кредитниот раст се очекува да се движи од 12 до 15 отсто.
Вчера НЛБ Тутунска банка ги соопшти пониските каматни стапки на депозитите и кредитите за правни и физички лица што доаѓаат како резултат на намалувањето на каматната стапка на благајничките записи, што централната банка ја сведе на историски најниско ниво од само четири отсто. НЛБ Тутунска ги намали каматните стапки на кредитните продукти за граѓаните до еден процентен поен, но и на депозитите, до 0,3 отсто за девизните, и до еден процентен поен за денарските депозити. Намалувањето се однесува и за каматните стапки на денарските кредити за правни лица што се намалени од 0,5 отсто до два отсто, додека кај кредитите со девизна клаузула намалувањето изнесува 0,5 отсто. Каматните стапки на депозитите за правни лица остануваат непроменети.
И Прокредит банка во 2011 година нуди намалени каматни стапки, пониски провизии при исплата на кредитите за 50 отсто, олеснувања во однос на залогот, а за кредитите од 5.000 до 10.000 евра, како обезбедување прифаќа само меница. Од оваа банка информираат дека за граѓаните се намалени каматните стапки кај кредитните картички и дозволеното пречекорување на сметка за еден процентен поен. Поволности се нудат и кај земјоделските кредити каде што е направено значително намалување на каматните стапки на агрокредитите во евра и денарските агрокредити. Банките очекуваат годинава апсолутен пораст на кредитирањето како резултат на зголемената активност на претпријатијата и силната ликвидна позиција на банките да ги поддржи нивните активности и да помогне во нивниот развој.
Комерцијална банка уште пред Нова година ги објави новите пониски камати, кои, всушност, се применуваат од вчера. Кредитите поевтинија во просек од 0,5 до еден отсто, а каматите на депозитите паднаа од 0,2 до еден процент. Во Комерцијална за 0,5 процентни поени се намалија кредитите за одредени најбонитетни правни лица. Од 0,5 до еден процентен поен паднаа каматите на потрошувачките кредити врз основа на меница, тип-топ потрошувачките кредити, наменските потрошувачки кредити преку трговци и на туристичкиот кредит, а за еден процентен поен се намалија и каматите на минусните салда на тековни сметки на население, како и на кредитните картички за физички и правни лица. Во оваа банка истовремено паднаа и каматите за штедните влогови од 0,1 до 0,5 процентни поени. |