Тутунарите ги блокираа регионалните патишта
Нема да го предаваат родот се' додека не се врши процена по ланската цена од 192 денара за килограм
Моника Талеска
ПРИЛЕП - Студеното време не ги поколеба пелагониските тутунари од намерата за протест, па вчера и покрај ниските температури, ги блокираа регионалните патни правци Прилеп -Градско кај Заполшки Мост и Прилеп - Битола кај Тополчани, од 11 до 18 часот. Производителите и натаму цврсто стојат на ставот дека нема да го предаваат родот се' додека не се врши процена по ланската цена од 192 денара за килограм и додека не почне откуп на сите пунктови на фирмите што добиле лиценца за преземање на годинешната реколта тешка околу 25.000 тони. Како што велат, не само тие, туку и земјоделските стручњаци утврдија дека реколтата е со многу подобар квалитет од ланската.
„Министерот изјави дека реколтата е со многу подобар квалитет од ланскиот. Тогаш како очекуваат да го предаваме родот по пониски цени од ланските, кои изнесуваа и 200 денари за килограм неквалитетен тутун. Не може во оваа сиромаштија, во оваа криза кога летаат цените на маслото, шеќерот и сите прехранбени производи, на нафтата тие да очекуваат од нас да прифатиме откуп по ниски цени. Ако не преземат ништо, тогаш ќе ги блокираме сите патишта во државата, па нека почнат да размислуваат. Не може тутунот да има пазарна цена во државата кога е стратегиски производ, со кој во услови на сиромаштија и невработеност, се купува социјалниот мир. Владата нека размисли малку што прави. Државата има своја фирма - „Тутунскиот комбинат“ и ако реално сака да помогне, тоа може да го направи. Нека не се бранат дека протестите се политички организирани. Нам не' интересира само економијата, како да преживееме, а политиката тие нека си ја водат“, изјавија вчера револтираните производители.
Додека тие простетираа, неколкумина тутунари, како што ни кажаа луѓето пред откупниот пункт на „Тутунскиот комбинат“ го предале родот. Но, со оглед на фактот што медиумите немаат пристап до вагите, ниту, пак, добивме одговор од надлежните колкави количества се откупени и по која цена, остана енигма како и дали воопшто се врши откуп на тутун во комбинатот, компанија со целосно државен капитал.
Вработените од „Центро-табак“ на отворениот пункт во Прилеп кратко информираа дека ниту еден тутунар не го предал родот, иако пунктот е отворен. Кооперантите на Алијанса го враќаа родот, незадоволни од процената.
„Вчера изутрина двајца тутунари го вратија тутунот. Убаво тутунче што без размислување треба да оди во прва класа, тие го процениле во втора класа“, истакнаа неколкумина тутунопроизводители кои пред пунктот на Алијанса го набљудуваа текот на откупот.
Според најавите блокадите на пелагониските производители продолжуваат и денеска од 11 до 20 часот и секој ден натаму ќе се зголемуваат за 2 часа. |