Мислења
Новата надеж за Македонија
Лазар Еленовски
За Македонија е основно - „сонот повторно да се оствари“. Без сомнение, сонот е -Македонија богата, развиена, демократска, европска
Верувам дека за годината што почна многумина од нас посакаа една нова надеж за државата. Конечно, да ни тргне, бидејќи на многу фронтови ни е тенка работата. Луѓето се изморени од предолгата транзиција на која ни крајот не и' се гледа за да може да се верува во некоја подобра перспектива. Државата, пак, е загрозена од долгогодишното крчмење на националното богатство, од неискористените шанси, од отсуството на национално чувство, визија и демократски капацитет што, дефинитивно, некогашната оаза на мир ја претвора во балканска црна дупка. Навистина многу граѓани посакаа надеж без притоа да знаат каква треба таа да биде, од каква форма и каква природа. Едноставно посакаа. Но, од кого треба да очекуваме да ја донесе надежта? Некој мора да биде! Ако ја чекаме да дојде од небото, ме потсетува дека и за тоа треба тука некој долу на земјата да создаде предуслови. Како приказната за Господ Бог и човекот што имал желба да добие „седумка“ на лото. Кога човекот го прашал Бога зошто не му ја исполнил желбата овој одговорил дека требало прво да игра лото за да добие „седумка“. Без играње не се добива ништо, не пак „седумка“.
Ако, сепак, сме поприземни и бараме надежта да ја донесат токму оние што дваесет години посветено работеа неа да ја уништат, бидејќи се' уште работите се во нивни раце, тоа е повторно ѓаволовата игра што вечно ви дава лажна надеж по принципот - „досега не беше, ама сега, конечно, ќе биде“, за потоа, по дефиниција, повторно да ве извиси. Дополнителен доказ е што и двата транзициски блока на ВМРО-ДПМНЕ и Бранковиот СДСМ, кои, всушност, се едно, не се подготвени за такво нешто, се толку централизирани и автократизирани што секаков обид за демократизација однатре е невозможен. А ако нема демократија, реформи и развој внатре, не очекувајте дека така ќе функционираат надвор, во општеството. На што сме и непосредни долгогодишни сведоци.
Ако, пак, очекуваме надежта да ја донесат нашите сојузници, Америка и Европа, тоа би било тоо муцх, малку премногу. Тие и онака ја донесоа речиси цела надеж. Што по мекиот пат, со евроатлантскиот интеграциски процес, кој бара реформи во сите области за да се доближиме, униформираме и интегрираме со нив, што по тешкиот со директен притисок за одредени работи. Мала ретроспектива да се направи на т.н. процес на реформи лесно ќе се увиди дека нема ниту една единствена реформа што се направила во државата без мекиот или тврдиот притисокот на сојузниците. Што јасно кажува дека оние што досега ја воделе државата немале ниту грам верба и љубов кон својата држава, но, исто така, ниту елементарно демократско чувство. Инаку не би требало да ги тераат со сила да прават реформи за добро на државата, ќе ги правеа сами, бидејќи веруваат во нив, колку и да се тешки.
И, навистина, гледајќи ја денес македонската реалност, човек тешко може да се надева на некаква нова надеж. Реалност на константна апатија, отсуство, дури и страв од акција и затапен провинциски дух за кој и медиокритетството е напредна граѓанска категорија. Македонскиот услов без кој не се може, транзициската црно-бела реалност, ги дефинира и останатите константи во општеството. Таа политичка и недемократска блокада од двата транзициски мастодонта, по дваесетгодишниот тренинг ги скрши сите борбени (прогресивни) структури на општеството. Затоа денес имаме младина со скршен ’рбет, на која и' е одземена секаква, за нејзе природна, револуционерност, бунтовништво и идеализам. Нашите млади и посебно студенти не се борат за ништо друго туку само за место на коруптивните партиски листи. А за тоа не треба храброст, лудост и идеали, туку само скршен ’рбет.
Граѓанскиот сектор или уште повеќе граѓанскиот процес ,кој во демократските општества поведува битни процеси во државата, е толку политизиран, девалвиран и партиски злоупотребен, што има изгубено секаков политички и општествен легитимитет. Самото граѓанско движење во државата е замрено и, главно, претворено во продолжена рака на транзициската политика. Во овој контекст, идентична е состојбата со синдикатите. Попоразително е кога деновиве на медиумите ги гледаме како моќните западни синдикати маршираат и се борат за своите права.
Новинарството и медиумите, тој базичен коректив на демократијата, последните месеци ја доживува својата најголема криза. Очекувано, имајќи ја предвид историјата на настаните. Долги години токму тие се главни поддржувачи на транзицискиот црно-бел свет, квислиншки служејќи му нему, не отворајќи никакви демократски прозорци. Сега на ред дојдоа тие, новинарите, бидејќи поделени меѓу себе, конфронтирани меѓу себе, но, пред се', деградирани и девалвирани, во ѓаволовиот круг ќе треба без сила за сами себе, а уште помалку за општествените цели да одработуваат уште понедостоинствено (и за гола егзистенција) за транзициските партиски шефови или слични на нив медиумски газди.
Еден од најкарактеристичните примери за состојбата во која се наоѓаме е улогата на интелектуалците. По правило, најелитниот, префинет и либерален дел на општеството. Со тоа и авангарда на самото општество. Во Македонија сведоци сме на тот��лна анемија, дегутантен конформизам, партиска поделеност, никаков демократски одблесок ( дури и тоа кога ретко се случува е во функција на партискиот шеф) и многу лов во матно и тезгарење. Наместо елитна авангардна сила, нашите интелектуалци се претворија во „петта колона“ за демократијата и го зацврстија впечатокот за нивното предавство кон општествените процеси во државата. Секоја чест за поединечните исклучоци во сите наведени структури.
Како тогаш се надеваме дека нешто во Македонија ќе се случи и нема да продолжи овој безизлез и севкупен национален пораз за државата?
Често кога си го поставувам ова прашање се потсетувам на бестселерот на американскиот претседател Барак Обама „Смелоста на надежта“, кој исто има впечатлив поднаслов „за американскиот сон и како тој повторно да се оствари“. Признавам, книгата често ја прелистувам и за сопствена инспирација да продолжам по тешкиот пат.
Уште побитно во однос на светската сила, за Македонија е основно -„сонот повторно да се оствари“. Без сомнение, сонот е Македонија. Богата, развиена, демократска, европска. Смелоста – е новиот демократски процес што треба да се генерира и кој има (нова) визија. Тогаш ќе се роди надежта. На Македонија и' е насушно потребно демократско исчекорување за најпрво да се запре растурањето на националното богатство, да се надмине транзицијата и транзициските сили и да се создадат услови за забрзан развој. За тоа да се случи, треба сите демократски ориентирани сили од најразличните сегменти на државата, колку и да се немоќни поединечно и се денес со наведната глава, да ја почувствуваат смелоста на надежта и заеднички да го генерираат новиот демократски процес. Само така може да се роди новата надеж за Македонија!
(Авторот е претседател на Социјалдемократска унија) |