Ќе паднат цените на извршителите
Маневски предлага рез од 40 отсто, а извршителите бараат да биде тоа како кај нотарите - од 20 до 25 отсто
Гордана Дувњак
Извршителите и министерот за правда, Михајло Маневски, се' уште не можат да се договорат околу намалувањето на цените на своите услуги. Како што неофицијално дознаваме, министерот бара од нив подрастичен рез за околу 40 отсто. Извршителите сметаат дека тоа е прекрупен залак и дека ќе го доведе во прашање нивното работење. Според нив, цените треба да бидат коригирани слично како оние на нотарите, што пред Нова година се спуштија за околу 25 отсто.
Министерот Маневски во изјава за „Утрински весник“ вели дека не може да се стави знак равенство меѓу нотарите и извршителите кои во правниот систем имаат различни улога и функција.
„Извршители имаат важна улога, но мора да се води сметка и за интересите на граѓаните што досега имаа големи поплаки во однос на висината на нивните услуги. И последниот тарифник што им го испративме беше производ на неколкумесечни усогласувања со извршителите, па, се надевам дека деновиве ќе го добијам нивното мислење за да може да биде донесен. Очекувам од 1 февруари да стартуваат новите цени на нотарите, но и на извршителите“, нагласува Маневски.
Претседателот на Комората на извршители, Антонио Коштанов, потврдува дека неколку месеци траат договарањата околу новите цени, но, сепак, верува дека ќе биде постигнат договор и оти постои желба за соработка од двете страни...
„Пред крајот на годината, поточно на 23 декември, го добивме последниот предлог - тарифник. Но, по неговото разгледувањето увидовме дека предложените проценти за намалување се превисоки. Тоа ќе го кажеме и во мислењето што деновиве планираме да му го испратиме на министерот за правда“, вели првиот човек на Комората на извршители.
Тој вели дека доколку Министерството инсистира на предложените проценти може да се случи да дојде и до отпуштања од работа. Потсетува дека во оваа фела се ангажирани околу 350 вработени, од кои 77 се извршители.
Коштанов потсетува дека од декември минатата година изгубиле и дел од досегашните надлежности, што со новите законски измени преминале во рацете на Управата за јавни приходи.
„На годишно ниво ќе останеме без 100.000 предмети. Станува збор за наплата на радиодифузна такса, но и на различни видови прекршоци (сообраќајни, јавен ред и мир, чистота...)“, потенцираат од Комората на извршителите.
Министерот за правда, Михајло Маневски, не се согласува дека се намалува обемот на работа на извршителите. „Напротив, извршителите и нотарите ќе добијат голем број нови предмети, од како од 1 јули судовите ќе се ослободат од платните налози“, додава Маневски.
Трансферот на извршни предмети, како што е познато, два пати беше пролонгиран, иако беа направени големи подготовки во судовите за нивно предавање, главно, од популистички побуди. Првиот пат тоа го бараше опозицијата, а во вториот случај, со лично ангажирање на премиерот Никола Груевски, наводно, за да се поштедат граѓаните. |