11.10.2011, 18:08 Што сведочеа полицајците за убиството на Мартин
„Утрински“ ги пренесува исказите на вработените во МВР, дадени во истрагата за случајот Нешкоски
Горан Адамовски
Дали само Игор Спасов (32) треба да одговара за убиството на Мартин Нешкоски (22) извршено на плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје или, пак, требаше да биде поднесено обвинение и за полицајците што го забележале до смрт претепаното тело на момчето, а случајот не го пријавиле како убиство, па дури и го пуштиле нивниот колега да си замине од местото на настанот? Ова прашање е топ-тема во јавноста и по четири месеци од бруталното претепување на момчето. Блиските на Нешкоски се чудат како е можно полицајците да бидат сведоци место обвинети за настанот што се случи во јуни годинава, поточно ноќта кога се славеше изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ.
Во истрагата, како сведоци биле повикани речиси триесетина лица, од кои поголемиот дел млади што се забавувале на манифестацијата „Баскерфест“. Тие во детали опишуваат дека момчето било безмилосно тепано и убиено, по што дошле неколку униформирани и полицајци во цивил. Интересно е да се прочита што сведочат припадниците на МВР. „Утрински“ ги пренесува нивните искази, кои може да се прочитаат во обвинителниот акт што го поседуваме против Спасов.
Еден од двајцата полицајци во униформа објаснува дека ноќта бил работно ангажиран. Патролирајќи низ плоштадот, слушнал дека луѓето повикуваат „полиција“. Заедно со колегата тргнале натаму и забележале младо момче седнато на клупа. Над него стоело крупно машко лице со тетоважа и го прскало со вода. Полицаецот го прашал што се случило, а тетовираниот му кажал дека на момчето му се слошило и им рекол да повикаат Итна медицинска помош. Потоа, дошло уште едно машко лице во цивилна облека, го кренале момчето и го однеле во патеката кон МЕПСО за да овозможат полесен пристап за возилото на Итната медицинска помош. Откако момчето било пренесено на тревникот, „машкото лице се оддалечило, а покрај момчето останало само високото машко лице“. Не му било познато дека младото момче било тепано. Му било кажано дека на момчето му се слошило.
Вториот полицаец во униформа вели дека тој и неговиот колега биле повикани зад бината каде што се славеше победата. Двајца мажи им кажале дека некое момче се обидувало да се качи на бината и дека тие не му дозволиле. Младото момче веднаш почнало да бега, а по него се стрчало „лицето, кое се претставило како колега од обезбедување“. Бидејќи имало метеж, полицаецот не знаел што се случило понатаму, но набргу некој почнал да вика „полиција“, па со колегата се упатиле таму. Забележале младо момче седнато на клупа, веќе било попрскано со вода. Им било кажано дека на момчето му се слошило. Се јавиле во ПС Центар и на колегите им рекле да повикаат Итна медицинска помош. Младото момче било однесено пред МЕПСО, „а лицето што се претставило како колега од обезбедување веднаш си заминало, па набргу си отишло и второто машко лице“. Двајцата полицајци во униформа останале на местото додека не пристигнала увидната екипа.
Трет сведочи припадник припадник на единицата „Тигри“. Вечерта, на 5 јуни, бил на задача до 23,30 часот. Потоа, откако му завршиле работните обврски, со колегите „спонтано“ се упатиле кон плоштадот на прослава на изборната победа. Се видел со Спасов. Забележал дека некое младо момче се обидува да се качи на бината, по што бил предупреден да не го прави тоа. Спасов ги повикал униформираните полицајци и им рекол да го тргнат момчето настрана, но не знаел што се случувало натаму. Бидејќи немал никакви работни обврски, не сакал да се замеша.
И неговиот колега од специјалната полициска единица тврди дека откако му завршиле работните обврски околу 23,30 часот, самоиницијативно дошол на плоштадот. И тој го забележал разговорот меѓу Спасов и младото лице, за кое почувствувал дека е под дејство на алкохол. Во тој разговор воопшто не се замешал, а не знае што се случувало понатаму.
Сведок е уште еден припадник на „специјалците“, но тој не можел ништо да каже за настанот бидејќи не присуствувал.
Последниот сведок од редовите на МВР бил вработен во Одделот за обезбедување. Неговиот исказ е краток. Вечерта го видел Спасов пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ и, „бидејќи бил во друштво со уште 12-13 колеги, претпоставил дека е работно ангажиран“.
Семејството на Мартин со нова кривична пријава
Веројатно незадоволни од тоа што за убиството на младиот Маритн Нешковски Јавното обвинителство го гони исклучиво специјалецот Игор Спасов, семејството на починатиот поднело кривична пријава за уште четири лица, како и поднесок со кој се бара проширување на веќе изготвениот обвинителен акт. Станува збор за полицајците кои први го забележале безживотното тело на Нешковски, односно униформираните лица што го поместиле телото на тревникот пред МЕПСО.
Со новата пријава е опфатен и командирот кој му е директно надреден на обвинетиот Игор Спасов. Семејството на Мартин бара од Обвинителството да утврди дали се преземени сите неопходни мерки што се однесуваат на обезбедувањето.
Инаку, до скопското Јавно обвинителство е поднесена уште една кривична пријава. Пријавата е поднесена од младите што со месеци протестираат поради прекумерна употреба на сила, а се однесува на овластени службени лица. (Љ.С.) |