18.03.2012, 16:23 Скопјанец крадел охридски бисери
Охрид – Скопјанец заврши во притвор поради извршени 26 кражби во Охридско. Според полицијата, приведен е 43-годишниот В.Ќ. од Зелениково, кој осум месеци оперирал по станови и куќи во охридскиот крај. Крадецот бил приведен во момент кога се обидувал да изврши кражба во стан. При акцијата за негово приведување, тој нападнал и полицаец, но бил совладан и уапсен. При претрес во еден стан, пронајдени се дел од алатот кој бил употребуван при кражбите и дел од одземените предмети.
Скопјанецот ги извршил кражбите во периодот од август минатата година до март годинава, при што направил штета од 10.000 евра, или над 600.000 денари.
„Тој преку добро разработен систем со употреба на сет шрафцигери се специјализирал за разбивање на сигурносните брави од вратите и со употреба на физичка сила. Насилно влегувал во повеќе куќи и станови, одземајќи пари, златен накит, вредни часовници, лаптопи, фотоапарати, мобилни телефони, накит од бело злато и охридски бисери, резбани и бакарни предмети, па дури и авионски карти за Австралија“, велат во охридската полиција. Крадецот вешто ги кршел буренцата од влезните врати, се качувал преку балконите, ги користел металните конструкции по дворовите и кршел прозорци, по што вршел брзо пребарување по собите одземајќи ги парите и вредните предмети. (В.М.) |