21.03.2012, 14:10 Климатските промени ќе земаат се повеќе жртви
Во 2007 година како последица на топлотниот бран починале околу 1.000 лица, а зимава студот ги зеде првите жртви
Јасмина Јовановска
Екстремно високите дневни температури во текот на летото, како и ниските температури во зима, како последица на глобалното затоплување земаат и ќе земаат се' повеќе жртви, а на земјата и' се заканува и појава на нови заразни болести. На ова предупредуваат стручњаците кои укажуваат дека нема спас од ваквите температурни влијанија, па затоа луѓето треба да се навикнуваат на нив, но и да ги почитуваат препораките за заштита од климатските промени. Посебно што во градовите веќе се живее како во стаклено ѕвоно, а по селата се јавуваат поплави и суши.
Научните студии покажуваат дека последиците од глобалното затоплување се најголемиот ризик по здравјето на луѓето во 21 век. За да се справи со горештините Македонија има акциски план. Но, тој беше изработен откако екстремно високи температури почнаа да земаат жртви. Зимава и екстремно ниски температури почнаа да земаат жртви, па надлежните се решија да направат мерки како да се заштитиме.
„Со вакви температури, Македонија е веќе во климатски промени. Утврдивме дека сме под ризик од нови заразни болести и временски екстреми како што се поплави, суши, топлотни бранови, студено време. Нашите испитувања покажуваат дека топлотните бранови се еден од клучните ризични временски настани за смртноста кои можат да ги афектираат пред се' старите лица и болните од хронични заболувања“, посочи Владимир Кендровски, претседател на Комисијата за климатски промени и здравје при Министерството за здравство, по презентирање на резултатите од проектот „Заштита на здравјето од климатските промени – иницијатива на седум земји“.
За секоја општина се утврдени и гранични температури. Така за Скопје е над 30,8 степени и процените се дека со секое зголемување на температурата за еден степен смртноста се зголемува за 4,8 отсто. Во 2007 година како последица на топлотниот бран починале околу 1.000 лица, а зимава екстремно ниските температури ги зедоа првите жртви.
Испитувањата направени со Институтот за медицина на труд покажуваат дека од 1996 година наваму постои континуирано зголемување на алергискиот ринит и тоа за три отсто, а сезоната на полен почнува две недели порано отколку што беше пред 10-15 години.
Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми укажа на потребата од повеќесекторска вкрстена анализа на влијанијата на климатските промени, како и подобро разбирање на социоекономските аспекти и јакнење на националните капацитети за спроведување процени на трошоците и придобивките на различни опции за адаптација кон климатските промени.
Министерот за здравство Никола Тодоров рече дека Македонија е лидер со имплементација на акцискиот план за топло време, односно за спречување на последиците од тоа, а се изработува и акциски план за студено време.
„Македонија веројатно ќ�� биде единствена земја во регионот која ќе ги има развиено двата типа акциски планови, кои ќе овозможат спречување на негативни последици по животот и здравјето на граѓаните“, истакна Тодоров.
|