19.03.2012, 11:32 Ромни убедлив во Порторико
Поранешниот гувернер на Масачусетс, Мит Ромни оствари убедлива победа на прелиминарните републикански избори во Порторико освојувајќи 83 отсто гласови. Неговиот партиски противкандидат Рик Санторум доби поддршка од само осум отсто.
Со тоа, Ромни ќе ги освои сите 20 делегати од Порторико и уште повеќе ќе ја зголеми предноста над тројцата преостанати кандидати за републиканска претседателска номинација.
Во Порторико имаат право да гласаат на партиски прелиминарни избори кога се бираат претседателски кандидати, но не и на самите претседателски избори.
Во ноември ќе биде одржан референдум на кој ќе биде одлучено дали Порторико ќе биде 51 американска држава,а Конгресот тоа да го потврди.
По синоќешните избори, Ромни има освоено 518 делегати, Санторум 239, Њут Гингрич 139 и Рон Пол 69 делегати.
Претседателска номинација добива кандидат со 1.144 делегати.
Илиноис е следната држава на прелиминарни избори во вторник. Анкети покажуваат дека Ромни и Санторум имаат подеднакви шанси за победа. В сабота изборите се во Луизијана.
|