20.03.2012, 17:32 Дојде да сведочи, а заврши со лисици на рацете
На сведокот од случајот „Диригент“, по распитот, му се одредени 30 дена притвор
Љубиша Станковиќ
Сведок во случајот со „Франкфуртската мафија“ дојде на суд да даде исказ, а заврши со лисици на рацете. Тој вчера беше изведен пред истражен судија, по што му беа одредени 30 дена притвор. Слична ситуација имаше и пред две недели, со друг сведок кој бил повикан да сведочи, а и тој завршил зад решетки.
Како дојде до тоа ова лице наместо сведок да биде обвинето и не е некоја тајна ако се знае дека Обвинителството поведе постапка за неколкумина осомничени, но таа беше прекината поради недостапноста на овие лица.
„Веројатно има и такви сведоци кои не знаеле дека и за нив се водела кривична истрага, а кога тие се појавија да сведочат - беа апсени. Сега слушам дека за некои од овие лица, наводно, имало и предлог за притвор, но проблемот е во тоа што тешко дека некој ќе се осмели да дојде и да сведочи како сведок на одбраната“, вели еден од големата група бранители во случајот кој е познат и по името „Диригент“.
Адвокатите велат дека не виделе многу од она што завчера се случило во големата сала на Врховниот суд каде што им се судеше на обвинетите. Некои од нив раскажуваат дека се' се случило толку молскавично и затоа не успеале да видат што се случило со сведокот, но има и такви кои апсењето на сведокот, како и апсењето на оние од пред две седмици, го доживуваат како своевиден притисок врз сведоците. Ваквото свое тврдење тие го поткрепуваат со кажувања дека овие лица за трговија со наркотици биле судени во странство, а полицијата во Германија им запленила патни исправи кои гласеле на македонски државјани, но дека за ова тие не биле ниту осомничени.
Македонската полиција во соработка со своите германски и австриски колеги го реализираа кон крајот на 2010 година, по неколкумесечно следење на големата група, која стана популарна и под името „Велешка мафија“.
Според обвинителството, групата почнала да дејствува уште во 2005 година, а австриската и германската полиција во летото 2010 година почнале сеопфатна акција за апсење на македонските државјани кои продавале хероин. На долгата листа осомничени за трговија со опојни дроги и за перење пари се најдоа имињата на 32 лица, а за осуммина од нив веќе течеле затворските казни, кои им биле одредени по пресуди на судовите во Австрија и во Германија. |