21.03.2012, 15:01 Со новите автобуси и улици ја штитиме животната средина
Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски денеска го презентираше новиот ЛЕАП
Мониторинг-мрежа за квалитет на воздухот, нови автобуси за јавниот градски превоз, изградба на велосипедски патеки и воведување можност за изнајмување велосипед, реконструирани улици и булевари, засадени 42.000 дрвца... Со овие активности градските власти минатава година придонеле за поздрава животна средина, смета градоначалникот Коце Трајановски, кој денеска го презентираше новиот ЛЕАП, стратешки документ кој ги утврдува промените во животната средина во градот во последните пет години и предлага мерки и активности за заштита и унапредување на средината.
„Уверен сум дека активностите што ќе произлезат од ЛЕАП 2 успешно ќе ги завршиме, затоа што немаме алтернатива, немаме друг дом, ниту друг град, ниту резервна планета“, рече Трајановски. Тој информираше дека Град Скопје работи и на издавање на Б-интегрирани еколошки дозволи, при што 9 дозволи се веќе издадени, а 24 се во процедура. Инспекциските служби го контролираат спроведувањето на интерниот мониторинг од операторите на инсталациите, како и на нивото на бучава од услужните објекти. Во однос на квалитетот на водите, истакна градоначалникот, реализирано е испитување на површинските и подземните води во скопската и полошката котлина, кои ги хранат изворот Рашче и бунарите Нерези-Лепенец.
ЛЕАП-от опфаќа пет тематски области: отпад, вода, воздух, почва и природа. Изработен е од „Еуромак контрол“, во соработка со Град Скопје.
|