22.03.2012, 13:21 Камерон спиел во креветот на Обама
Американскиот претседател Барак Обама го „сместил“ во својот кревет британскиот премиер Дејвид Камерон за време на нивниот заеднички лет со претседателскиот авион „Ер Форс-1“. Случката ја откри самиот Камерон, на средбата со група британски бизнисмени во англиската област Оксфордшајар, објаснувајќи дека причината што тој морал да легне, е неговото бавно прилагодување на временските разлики.
Обама му го понудил претседателскиот кревет во апратманот во авионот, за време на враќањето на двајцата државници од Дејтон, во сојузната држава Охајо, каде присуствуваа на еден кошаркарски натпревар, откако забележал дека Камерон е изморен, затоа што во тој момент, во Велика Британија било четири часот наутро и време за спиење. Камерон го послушал советот на претседателот, па не само што стана првиот странски државник кој летал со „Ер Форс-1“, заедно со претседателот на САД, туку стана и првиот странец кој спиел во неговиот кревет, патувајќи со американскиот претседател.
Откако го легнал својот гостин, Обама се префрлил во службениот дел на авионот, каде се наоѓаат канцелариите и салоните за состаноци, па на личниот секретар на Камерон и на блиските соработници кои летале со него им рекол, да не го бараат и да не се грижат, затоа што го „сместил во кревет“ британскиот премиер.
Дејвид Камерон откри и дека имал тешкотии да го задржи вниманието на „првата дама“ на САД, Мишел Обама, која седела до него, за време на свечената вечера што во чест на британските гости, се одржа во Белата куќа.
„Работите стануваат појасни кога ќе се знае дека до неа, од другата страна, седеше ЏорџКлуни. Заклучив дека е тешко да се натпреварувам со една таква конкуренција“, шеговито забележа британскиот премиер Камерон.
|