21.03.2012, 15:14 Превозниците предлагаат мерки за намалување на нивните трошоци
Здруженијата на товарни превозници и за превоз на патници „МАКАМТРАНС“ и „ИСТОК“ денеска до Владата доставија пет барања со предлози за промени на закони и интервенции во одредени владини одлуки.
- Станува збор за мерки кои треба да овозможат заштеда кај огромните трошоци на превозниците и транспортерите за да се ублажат шоковите од високите цени на нафтените деривати кај кои ние не можеме да влијаеме, рече денеска на прес-конференција Билјана Муратовска, претседател на Асоцијацијата на товарни превозници „МАКАМТРАНС“.
Превозниците бараат измени на Законот за данок на додадена вредност со кои би се овозможило повластена даночна стапка од пет проценти за сите превозни трговски друштва како мерка за одржување на тековната ликвидност поради општата должничка криза, како и овозможување поврат на ДДВ од дејноста превезување патници во меѓународниот превоз.
Од Министерството за транспорт и врски бараат да се донесе Предлог-закон за договори во превозот. Со тоа законско решение од аспект на намалување на трошоците при превозот сметаат дека големо влијание би имало формирање регулаторно тело за следење на цената на превозот на стоката. Се бара и дефинирање услови за учество на тендер за годишни превози. Конкретно барање до Владата имаат за одредување програма за субвенции во нивната гранка со која би го обновиле возниот парк или би го подобриле од еколошки аспект. Нивниот предлог е да добиваат субвенции до 5.000 евра по возило за вградување посовремени делови, субвенции за стимулации и набавка на нови возила, како и дефинирање на сумата која ќе се одобрува по гранки од поволните кредитни линии со ниски каматни стапки.
„МАКАМТРАНС“ и „ИСТОК“ испорачаа барање и за промени во Законот за превоз во патниот сообраќај, допрецизирање на одлуката за висината на надоместоци за вонреден превоз, и промени на Законот за возила со кои би се забранило регистрација на возила за превоз на стока постари од 25 години, а за превоз на патници од 30 години.
Превозниците на патници засега не размислуваат за зголемување на цената на билетите и покрај постојаниот раст на цените на горивата. Како резултат на акцијата против дивите превозници бројот на патници се зголемил за 50 до 60 проценти. - Се додека имаме поголема бројка на патници немаме потреба да ја зголемуваме цената, рече претседателот на Здружението на превозници „ИСТОК“ Горан Трпковски.
|