22.03.2012, 14:32 Форум за улогата на медиумите во смирување на етничките тензии
На форумот во организација на Здружението на новинарите на Македонија беше истакнато дека по логика медиумите треба да бидат гласот на народот, во опозиција со власта
Колку македонската политичка елита има слух и разбирање за слободата на медиумите и колку медиумите во Македонија информираат, а колку вршат пропаганда за политички и финансиски цели, се главните прашања кои беа поставени на денешниот форум на тема „Улогата на медиумите во смирување на етничките тензии“.
На форумот во организација на Здружението на новинарите на Македонија на кој учествуваа уредници и претставници од повеќе медиуми, институции и невладини организации, беше истакнато дека по логика медиумите треба да бидат гласот на народот, во опозиција со власта.
- Се чувствувам и помалку фрустриран затоа што постојано зборуваме за истите проблеми, а никако работите да се раздвижат напред. Во сите функционални демократии, медиумите се третираат како четврта власт чија улога е да бидат коректор на власта и на политиката, тие ги идентификуваат и се борат против негативните појави во општеството, рече претседателот на Здружението на новинарите Насер Селмани.
Претседателот на ЗНМ истакна дека во Македонија има тенденција за сите лоши работи во општеството да се обвинуваат медиумите.
- Мора да се согласиме дека Македонија е поделено општество каде системот гради вредности и по логика на нештата и медиумите се поделени. Прашањето е дали медиумите можат да опонираат на поставеноста на овој систем или полесно е да се прилагодуваат на околината. Кога известуваат за етнички прашања, медиумите не се на ниво на професионалните стандарди, на објективно точно и непристрасно информирање, додаде Селмани и ги повика неговите колеги да бидат професионалци и по никоја цена да не прифаќаат со нивните текстови некој да поттикнува нетолеранција и омраза.
Според Роберто Беличанец, директор на Центарот за развој на медиуми, постојат три категории говор на омраза - расна, верска и национална и во тој контекст, неутралната информација може несвесно да се опои, мислејќи дека се врши професионална задача, а како што рече, напротив, ефектот е зголемена тензија.
Говорот на омраза е најопасниот дел во конфликтите, тој постои во општеството пред да настане конфликтот, а за време на конфликтите зазема панденични размери. Многу често, потенцираше, новинарите не се свесни дека го користат говорот на омраза, мислејќи дека работат професионално, а во суштина дискриминираат. Според него, тоа произлегува од начинот на кој функционираат редакциите и од уредничкото раководство.
Против говорот на омраза, нагласија присутните, може да се бориме со препознавање, маркирање, делегитимирање, процесирање и подигање на културата на дијалог.
Бранко Радовановиќ од Советот за радиодифузија истакна дека 11 години по конфликтот во Македонија зборуваме за наведената тема, а сме во предконфл��ктни услови. Фазите за смирување одамна сме ги заборавиле, односно, како што рече, ниту сме ги подготвиле.
- Но, оние кои говорат за односот на поголемите ентитети врз помалите и за предрасудите кон нив треба да знаат што е став. Тоа е сосема спротивно на предрасуда и неговата структура е прашање на едукација. Денеска треба да се договориме како да бидеме професионалци, затоа што во медиумите не станува збор за говор на омраза, туку за омраза на колегите меѓу себе, истакна Радовановиќ.
|