19.03.2012, 14:17 Ќе се градат нови 21 мала хидроцентрала
Во наредните три години во Македонија треба да се изградат 21 мала хидроцентрала, кои ќе имаат вкупен инсталиран капацитет од 23 мегавати и очекувано годишно производство на електрична енергија од 87 гигават- часови. Инвестицијата се проценува на 40 милиони евра.
Хидроцентралите ќе ги градат две италијански и осум македонски компании. Договорите за концесија се потпишаа во Министерството за економија. Малите хидроцентрали ќе се градат на реките Бистрица, Пена, Брза Вода, Крива Река, Одранска, Беловишка, Бачишка, Јабланица. „Во досегашниот период од 2007 до 2011 година беа потпишани 47 договори за концесија за производство на електрична енергија од мали хидроелектрични централи, со вкупен инсталиран капацитет од 34,7 мегавати и очекувано годишно производство од 140 гигават-часови.
Проценетата инвестиција изнесува околу 63 милиони евра, рече министерот и додаде дека со вчерашното потпишување вкупниот инсталиран капацитет ќе се зголеми за 67 отсто, додека производството на електрична енергија би се зголемило за 62 отсто во однос на претходно потпишаните. Вкупната инвестиција на сите електрани е 100 милиони евра.
Кочо Анѓушев од МХЕ „Јабланица“, која потпиша договор за една концесија, истакна дека ова е нивен десетти договор. Имаат три веќе вклучено во системот и произведуваат електрична енергија, а за другите постапката е во процедура. Според него, ова е охрабрувачки и за другите инвеститори. Инвестицијата, како што рече, се враќа за 8 до 10 години, договорите за концесија се на 20 години по што се предаваат на државата. Малите хидроцентрали може да заменат 10 отсто од вкупниот увоз на електрична енергија што го прави Македонија.
|