19.03.2012, 15:15 „Епл“ по 17 години ќе исплати дивиденда
„Епл“ се очекува да одлучи што ќе направи со сумата од 98 милијарди долари, а се претпоставува дека ќе исплати дивиденда, за првпат од 1995 година наваму. Само неколку ден�� откако цената на акциите порасна на 600 долари, од „Епл“ издадоа кратко соопштение во кое се наведува дека в понеделник на телефонската седница ќе се расправа околу распределбата на добивката, јавува „Ројтерс“.
Компанијата има 98 милијарди долари готовина и хартии од вредност, што е околу 104 долари по акција, смета аналитичарот на „ИСИ Груп“, Брајан Маршал. Волстрит очекува оваа година „Епл“ да им исплати пари на акционерите, откако извршниот директор Тим Кук изјави дека врвот на компанијата „активно разговара“ на оваа тема.
Кук неодамна изјави дека „длабоко размислува“ околу барањата на вложувачите „Епл“ да им врати дел од парите на акционерите преку дивиденди. „Искрено, имаме повеќе отколку што ни треба за водење на компанијата“, изјави Кук на годишниот собир во февруари.
Од „Епл“ последен пат исплатиле дивиденда во 1995 година, а една година подоцна, работеше со загуба од 816 милиони долари. (Ек.Р.)
|