20.03.2012, 13:29 „Карфур”, „Зара” и „Синеплеклс” во „Скопје сити мол“
Инвестиција е вредна 90 милиони евра, а центарот треба да биде отвoрен за шест месеци
Меѓународните брендови „Carrefour”, „Zara” и „Cineplexx” се трите најголеми закупци во трговскиот центар Skopje City Мall, инвестиција вредна 90 милиони евра, што треба да биде отвoрен за шест месеци, соопшти денеска Балфин МК, компанијата инвеститор.
Како што изјави Петер Варден, главен извршен директор на Балфин МК и член на RICS, овие три големи светски компании со договорот за закуп добија загарантирани позиции во новиот трговски центар.
Францускиот „Carrefour”, вториот најголем ланец на супермаркети во светот и најголемиот во Европа, во Skopje City Мall ќе има хипермаркет продавница од 4.650 метри. Договорот бил потпишан во јули минатата година, но поради клаузула за доверливост, информацијата морала да остане во тајност. Со отварањето на овој хипермаркет, „Carrefour” ќе има преку 9.500 продажни локали, во 33 земји во светот.
Со влезот на „Inditex” во Skopje City Мall, Македонија станува осумдесетата земја во која Групацијата ќе биде присутна со своите афирмирани модни брендови.
- Една од најголемите модни трговски компании во светот „Inditex” ќе се претстави со петте реномирани модни концепти „Zara”, „Bershka”, „Massimo Dutti, „Pull и Bear” и „Stradivarius”, на вкупна површина од 4.350 метри квадратни. Само продавницата на „Zara” ќе зафаќа 2.190 метри квадратни, распоредени на два ката, што ја прави најголемата „Zara” на Балканот, рече Варден.
„Cineplexx” кој функционира од 1951 година, а од 1993 е подружница на познатата „Constantin Film-Holding GmbH”, во Skopje City Мall ќе има девет кино сали опремени со современа дигитална технологија преку која македонската публика ќе го искуси најновиот „Real 3D” ефект. Планот на „Cineplexx” не е само да прикажува филмови, туку и да овозможи уживање во спортски и музички настани на големото платно, повторно во „Real 3D”. „Cineplexx” денес располага со 230 кино сали и над 45.000 седишта.
Според Варден, сите три компании го привршуват процесот на опремување на просторот и го дооформуваат менаџерскиот тим кој со забрзано темпо се подготвува за периодот на отворање.
Варден информира дека слободни се уште околу 15 проценти од просторот во трговскиот центар, кој ќе име биде понуден на локални закупци. Тој очекува Skopje City Mall да биде отворен во септември и да вработи 2.200 лица.
Оваа инвестиција беше поздравена и од вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
- Од оваа есен и Македонија ќе биде на картата на вакви глобални, светски и европски компании, кои што несомнено ќе донесат нови стандарди во Македонија во однос на начинот на презентација, начинот на организација и секако ќе овозможат средствата, македонските пари да останат во Македонија, да креираме работни места. Она што е значајно во оваа ситуација за нас како Влада е дека оваа инвестиција максимално се вклопува во напорите да направиме Македонија да биде добра дестинација за инвестиции. Со овие имиња Македонија како земја добива бидејќи веќе не с��е земја која ја заобиколуваат странските години како што беше пред 5-6 години и повеќе години. Веќе сме земја која што сите реномирани компании чувствуваат дека можат да го пласираат својот бизнис и да работат како што работат во сите европски земји, изјави Ставрески.
Skopje City Mall треба да биде отворен во септември, а се очекува во него да работат 2.200 лица. |