22.03.2012, 14:53 Од Охридско Езеро досега извадени 20 тони експлозив
Дваесет тони експлозив досега се извадени од водите на Охридското езеро, со трите акции кои што беа спроведени во изминатиот период. Само со последната трета фаза од подводното чистење, која што траеше изминатиот месец, извадени се четири тони неексплодирани убојни средства.
Со манифестација на езерскиот кеј, вчера во Охрид беше означено официјалното завршување на третата фаза од чистењето на езерото. По тој повод говореа американскиот амбасадор Пол Волерс, словенечкиот амбасадор Брајан Бергам и заменик директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Екрем Зенделим.
„Спроведовме една успешна активност, заедно со Република Словенија. Акцијата беше насочена во правец ова прекрасно место да го направиме, пријатен простор за живеење и престој. Ќе се ангажираме и на други места во Македонија, каде што тоа е потребно“, потенцираше амбасадорот Волерс.
Изминатиот месец на ред беше чистењето на потегот од градското пристаниште до објектот на Езерската полиција на Студенчишкиот канал, како и во туристичката населба Пештани.Во претходните две фази, минатата и предминатата година, со акцијата за чистење езерото од неексплодирани убојни средства, од водите беа извлечени околу 16 тони убојни средства, главно неексплодирани мини и гранати од времето на Балканските и двете светски војни. Сите беа уништени на воениот полигон „Криволак“, од страна на експерти на Дирекцијата за заштита и спасување
Акцијата за вадење на неексплодирани убојни средства ја организираше Дирекцијата за заштита и спасување, додека во проектот со финасиска поддршка се вклучени Владата на САД и Меѓународната фондација за заштита од мини, „ИТФ“ од Словенија. По завршувањето на пребарувањата на охридскиот дел, акцијата треба да продолжи во струшкиот дел од Охридското Езеро. (В.М)
|