28.05.2012, 11:50 „Златна палма“ за „Љубов“ на Михаил Ханеке
За Ханеке ова беше втора „Палма“, но по втор пат наградени беа и Кен Лоуч, Матео Гароне и Кристијан Мунгиу
Сунчица Уневска
„Златната палма“ на 65. Кански филмски фестивал му припадна на австрискиот режисер Михаил Ханеке за неговата француска посвета на животот и на љубовта, едноставно насловена „Љубов“. Ова е втора „Палма“ за Ханеке, кој во 2009 година по цели десет учества во Кан, од кои шест во конкуренција за награди, ја доби својата прва „Златна палма“ за филмот „Белата панделка“.
Жирито со кое претседаваше италијанскиот режисер Нани Морети, му го даде Гран-прито на италијанскиот филм „Ријалити“ на Матео Гароне, кој се занимава со денешната обземеност на широкиот аудиториум со ријалити шоуа и со Големиот брат. Критиката му даде доста лоши оцени на овој филм, па многумина се убедени дека за оваа награда е заслужен Морети. Инаку, Матео Гароне остави силен впечаток со неговиот претходен филм „Гомора“, со кој исто така освои Гран-при во 2008 година.
Специјалната награда на жирито му припадна на британскиот ветеран Кен Лоуч за неговата комедија „Ангелски удел“, која беше одлично примена, а во која како што велат, тој повторно ја внесува својата социјална критика. Лоуч е исто така редовно присутен во Кан, речиси со секој свој нов филм, а „Златната палма“ ја освои 2006 за филмот „Ветрот што го ниша јачменот“. Додека реномираниот мексикански автор Карлос Реигадас, од кого се очекуваше многу, но не ги исполни очекувањата, ја доби „Палмата“ за режија за филмот „Пост тенебрас лукс“, во кој си поигрува со прашањето за судирот на урбаниот и светот од предградието и неговото влијание на судбините на едно семејство.
Инаку, во филмот „Љубов“, кој годинава триумфираше во Кан, се појави големата француска ѕвезда, Жан Луј Трентињан, кој игра сопруг на 85-годишната француска актерка Емануел Рива. Тоа е приказна за еден возрасен брачен пар, чиј живот наеднаш поприма сосем поинакви димензии, откако жената ќе добие мозочен удар. Велат дека во него Ханеке прави неверојатна посвета на поврзаноста и пожртвуваноста, на љубовта, на грижата, но и на начинот на кој се носиме кога го губиме оној што го сакаме, како и со изминувањето на времето. Ханеке при примањето на наградата изјави дека имал таква слична ситуација во неговото семејство. Тој и ја посветил својата награда на сопругата, додавајќи дека филмот го илустрира и тоа што тој и сопругата си го ветиле ако било кој од нив се најде во истата ситуација.
А бројните новинари во Кан веднаш потсетија на авторите кои досега два пати ја имаат освоено „Златната палма“, меѓу кои се браќата Жан Пол и Лик Дарден од Белгија, потоа култниот американски автор, Френсис Форд Копола, па данскиот ветеран Бил Огист, јапонскиот Шохеи Имамура и од овој регион единствено, Емир Кустурица.
Голем триумф годинава му припадна и на романскиот режисер Кристијан Мунгиу, чиј филм „Зад ридовите“, кој се сметаше за фаворит, ја доби наградата за сценарио. Мунгиу веќе се смета за светски познато име откако ја доби „Палмата“ за филмот „4 месеци, 3 недели, 2 дена“ и во Кан годинава беше еден од помладите автори, но од кои многу се очекуваше. Неговиот филм, кој е правен по вистински настан, за една девојка која ќе почине откако над неа ќе биде направен егзорцизам, им донесе награди и на двете актерки во овој филм, Кристина Флутур и Козмина Стратан.
Додека, наградата за главна машка улога ја понесе извонредниот и неприкосновен актер, Данецот Медс Микелсен за неговата вонсериска улога во „Лов“ како негувател во градинка, кој е обвинет за сексуално вознемирување. Овој филм на Томас Винтерберг ја доби и наградата за најдобра фотографија.
Во трка за наградите годинава беа 22 филма, но она што се' повеќе станува обележје на Кан е присуството на ветераните и наградуваните автори во главната селекција, што овој пат резултираше со доста повозрасни режисери, и како што велат известувачите, со многу тешки, егзистенцијалистички теми. Иако, според оценките на критиката, конкуренцијата била доста силна. Претседателот на жирито, Нани Морети, на крај изјави дека оваа година имало голема невоедначеност меѓу членовите на жирито и дека ниту една одлука не е донесена едногласно. Голема борба, како што рече, се водела меѓу делата на Карлос Реигадас, на Улрих Зајдл и неговиот „Рај: љубов“, како и францускиот „Холи моторс“ на Леос Каракс.
Наградата на критиката „Фипресци“ ја доби воениот филм „Во маглата“ на украинскиот режисер Сергеј Лозница. „Златната камера“ за најдобро деби ја освои Бен Зеитли за филмот „Ѕверови од Дивиот Југ“. А во престижната програма „Извесен поглед“, чие жири го предводеше Тим Рот, наградата ја понесе мексиканската драма „По Луција“ на Михел Франко, но и сараевската режисерка Аида Бегиќ доби Специјална диплома за својот филм „Деца“.
Фестивалот заврши со посвета на неодамна починатиот Клод Милер и неговиот последен филм „Тереза Дескверо“, а меѓу презентерите на наградите беа и: Одри Тату, Адриен Броди, Настасја Кински и други.
|