28.05.2012, 15:24 Мето Јовановски со „Еден Пикасо“ награден во Бугарија
Наградата е доделена од меѓународно жири во конкуренција на дваесетина претстави
Актерот Мето Јовановски е добитникот на наградата за најдобра партнерска игра (со актерката Селма Алиспахиќ) за улогата во претставата „Еден Пикасо“ што му беше доделена на Меѓународниот фестивал „Њу Јуропиан театр екш“ (New European theater action), кој во рамки на Националниот фестивал на мали театарски форми се одржа во Враца, Бугарија, од 16 до 22 мај.
Наградата е доделена од меѓународно жири во конкуренција на дваесетина претстави. Режисер на „Еден Пикасо“ е Лилјана Тодоровиќ, претставата е работена по текст на Џефри Хачер, а е во продукција на Сараевскиот воен театар „Сартр“. Претходно оваа претстава беше наградена на „Јоаким интерфест“ во Крагуевац за машка улога, а доби и Гран-при за најдобар партнерски однос на Меѓународниот фестивал на актерот во Никшиќ. (К.Б.)
|