27.05.2012, 11:41 „Зад ридовите" и „Љубов" фаворити за „Златна палма"
Бред Пит направи голема еуфорија, па сепак, сите му ја предвидуваат „палмата" на данскиот актер Медс Микелсен
Сунчица Уневска
Шеесет и петтото издание на Канскиот филмски фестивал завршува денеска и веќе се се посилни предвидувањата за тоа кој годинава ќе ја добие престижната "Златна палма". На листата на филмските критичари во Кан, кои секојдневно ги даваат своите гласови во реномираното списание "Скрин деили", водат романскиот филм "Зад ридовите" на Кристијан Мунгиу и францускиот "Љубов" на австрискиот автор Михаил Ханеке. И Мунгиу и Ханеке се добитници на "Златната палма", па уште поинтересно е прашањето кој од нив би ја добил втората "Златна палма", особено што се работи за двајца сосем различни автори, од различни генерации, различни милјеа и различни сензибилитети.
Кристијан Мунгиу и ја донесе на својата земја првата "Златна палма" за филмот "4 месеци, 3 недели, 2 дена". И иако и "Зад ридовите" во фокусот има две жени, сепак, тоа е доста поразличен филм, кој излегува од клишето да зборува за неодамнешното политичко минато на својата земја, туку се обидува да направи една поинаква приказна со универзални димензии. Овде Мунгиу зборува за љубовта, верата, примитивизмот и предрасудите.
Михаил Ханеке, пак, кој исто така ја освои "Златната палма" за суровиот и жесток филм "Белата панделка", овој пат доаѓа со тотален опозит. Неговата приказна зборува за една двојка возрасни луѓе, пензионери, чиј живот ќе се промени сосем кога жената ќе добие мозочен удар. Тука Ханеке се осврнува на многу поинакви прашања, правејќи своевиден омаж на љубовта, на изминувањето на времето и на нашата борба да ја задржиме есенцијата на животот до самиот нејзин крај.
Веднаш зад овие два филма, со речиси еднаков број на гласови, се наоѓаат дури четири филма. Данскиот "Лов" на Томас Винтерберг, еден од познатата четворка која го промовираше стилот "Догме", британскиот "Ангелски удел" на ветеранот Кен Лоуч, исто така добитник на "Златна палма", потоа американскиот филм "Убиј ги нежно" на режисерот од Нов Зеланд, Ендрју Доминик и францускиот филм "Рѓа и коска" на Жак Одијар, што е изненадување, бидејќи критиките за него не беа баш добри.
Но, да се вратиме на филмот "Лов", кој се најде на врвот на листата на остварувања кое може да ја понесе и наградата за главна машка улога. Имено, сите се согласуваат дека извонредниот дански актер, Медс Микелсен, кој лани го доби највисокото европско признание за својот придонес кон филмот, би можел годинава да се закити со "Златна палма". Микелсен игра негувател во градинка, кој ќе биде обвинет за сексуално злоставување. Винтерберг се занимава со она лудило и масовна хистерија што настанува кога некој е обвинет, и кога и без оглед на тоа дали има докази, наеднаш сите неговото однесување почнуваат да го гледаат поинаку. Филмот носи беспоштедна борба, која одлично го рефлектира актуелниот миг, но во себе го носи и она архетипското во човекот, кој многу лесно може од едно да се претвори во друго.
За "Ангелски удел" на Кен Лоуч повеќето критичари велат дека иако не би можел да го повтори успехот од пред неколку години, кога ја доби "Палмата", сепак, носи едно извонредно ведро дело и се докажува како автор кој умее да направи одлична комедија. "Ангелски удел" е приказна за ситни криминалци, која неизбежно ја има и редовната социјална порака кај Лоуч, но и една речиси бајковита приказна за тоа како нештата можат да бидат поинакви, а особено за тоа дека и покрај се, правдата сепак е возможна.
За филмот "Рѓа и коска", во кој играат Марион Котијар и Матијас Шенерц веќе пишувавме, а Ендрју Доминик, авторот на филмот "Убиството на Џеси Џејмс", се враќа по пет години со уште една вистинска приказна, кои се чини во годинешната селекција се доминантни. "Убиј ги нежно" е филм за темната страна на општеството, односно за измамниците и криминалците, во која Доминик, се занимава со капиталистичкиот систем во неговата најбазична форма. И иако ова е сосем поинаков филм од претходниот, попоетичен и меланхоличен, сепак, многумина сметаат дека навлегува на полето на "палп фикшн" на Тарантино. Самиот Доминик на прес-конференцијата во Кан рече дека за него филмот не е пат да се раскажат приказни, туку начин подобро да ги прифатиме нашите трауми.
Еден од филмовите кои предизвика внимание во Кан, а кој е интересен и за нас, бидејќи е единствениот од овој регион, е босанскиот "Деца" на Аида Бегиќ. Оваа младара режисерка и е позната на публиката во Кан со филмот "Снег", кој пред неколку години беше прикажан во "Недела на критиката", каде што освои Гран-при. "Деца" носи уште една приказна од поствоено Сараево, која зборува за двајца сираци и за нивната судбина. Самата Бегиќ на средбата со новинарите изјави дека и е жал што се уште не може да дојде со некоја посреќна тема. Нејзиниот филм, кој се фокусира на судбината на еден проблематичен брат и неговата сестра, која бара утеха во верата, се занимава со општеството во кое владее "поствоената култура на насилство и корупција", односно како што вели Бегиќ, со општество во кое животот се уште е опстанок.
Годинава во чест на 65-годишниот јубилеј, легендарниот директор на Канскиот фестивал, Жил Жакоб, понуди еден многу интересен филм направен за време на 60. Кански фестивал. Имено, тогаш кога во Кан со свој омнибус дојдоа 34 реномирани светски автори, биле ангажирани камермани кои ги следеле сите во текот на еден ден. Така што, сега Жакоб и понуди на Канската публика да ги види нивните портрети од еден сосем поинаков агол. Меѓу нив се: браќата Коен, Роман Полански, Кен Лоуч, Вонг Кар Ваи, Такеши Китано, Агом Етојан, Џејн Кемпион и други.
Обележје овој пат беше и "европското рандеву" на европските претставници за култура и филмските професионалци, со цел за нова иницијатива во европскиот филм. Иранскиот режисер Азгар Фаради ја доби европската награда "При медија", а најголемо внимание, сепак, предизвика доаѓањето на Роман Полански и на Настасја Кински на премиерата на нивната реставрирана "Теса".
Вчера на фестивалот најголема атракција беше доаѓањето на Никол Кидман и Метју Меконахи со филмот "Репортер" на Ли Даниелс, а до крајот на фестивалот со голема возбуда се очекуваат и делата на Дејвид Кроненберг, на мексиканскиот автор Карлос Реигадас и на Украинецот Сергеј Лозница. И покрај бледиот почеток, изгледа дека жирито предводено од Нани Морети, нема да има лесна задача.
|