28.05.2012, 15:18 По Маури, и Конте на тапет за лажирање
Поранешниот фудбалер на „старата дама“ се товари за сомнителни активности во времето додека ја предводел Сиена
Капитенот на Лацио, Стефано Маури, е уапсен под сомнение дека бил замешан во местење натпревари во Серија А и во Серија Б. Покрај членот на италијанската фудбалска репрезентација, поголем дел од медиумите на Апенинскиот Полуостров навестуваат дека во новиот скандал по тој во 2006 година со „Калчополи“ вмешан е и тренерот на новиот шампион Јувентус, Антонио Конте. Поранешниот фудбалер на „старата дама“ се товари за сомнителни активности во времето додека ја предводел Сиена.
Покрај Маури, уапсени се и Кристијан Бертани од Сампдорија, потоа Омар Милането, поранешен играч на Џенова, Марко Турати од Модена и уште петмина лица од Унгарија, кои биле вклучени во синџирот на местење во обложувалниците и за кои италијанската полиција смета дека биле водени од страна на Тан Сет Енг од Сингапур, кој минатата година бил уапсен. Од имињата кои ја разбрануваа италијанската јавност се споменуваат и фудбалерите Доменико Кришито, Серџо Пелисие, Џузепе Скули, како и поранешниот дефанзивец на Милан, Грузиецот Каха Калаѕе.
Полицијата веќе контактирала со тренерот на италијанската репрезентација Чезаре Прандели и му навестила дека може да размислува за две до три замени при комплетирањето на составот за претстојното Европско првенство, кој треба да го соопшти денеска.
Италија ја затресе скандал со наместени натпревари пред почетокот на Мундијалот во 2006 година, но тоа не го спречи составот на тогашниот предводник на клупата Марчело Липи да стигне до пехарот.
|