27.05.2012, 22:25 Лазаров и Атлетико поразени во финалето на ЛШ
Кил ја освои третата титула европски првак (26:21), а нашиот капитен реализираше пет голови
Екипата на Кил ја освои шампионската титула во ракометната Лига на шампиони. Германскиот претставник вечерва во Келн го победи Атлетико Мадрид за кој настапува Кирил Лазаров со 26:21. На полувреме резултатот беше 13:10.
За Кил оваа беше вкупно трета шампионска титула европски првак.
Најдобар играч на натпреварот беше голманот на бундеслигашот, Тиери Омејер кој одбрани 17 удари на играчите на Атлетико. Решавачката предност Германците ја направија во финишот на првото полувреме кога направија серија од 6:0.
Капитенот на македонската репрезентација Кире Лазаров со пет постигнати голови беше најефикасниот во поразениот тим. Лазаров оваа сезона во Лигата на шампионите постигна вкупно 97 погодоци, еден помалку од најефикасниот, данскиот репрезентативец Михаел Хансен.
Најефикасен играч во финалето беше Ким Андерсон со седум реализации.
Во натпревар за третото место на „фајнл фор“ турнирот во Келн, во предигра на финалето екипата на Копенхаген го победи Берлин со ист резултат како во финалето 26:21
|