28.05.2012, 14:48 Иванов: Можеме да бидеме горди на македонските војници
Претседателот присуствуваше на досега најголемата меѓународна вежба „Кооперативна долга стрела/Лансер 2012“, на армискиот полигон „Криволак“
Можеме да бидеме горди од тоа што го покажуваат нашите војници, нивната подготвеност заедно со другите армии да настапуваат во вакви мисии. Може да се заклучи дека тоа е и нашата определба постојано да ги негуваме и да истрајуваме на нашите стратешки определби АРМ да е подготвена за сите операции каде што ќе биде поканета и да ги следи сите нови зафати кои се од страна на другите армии за да можеме да бидеме подготвени секој пат.
Ова го изјави претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили Ѓорге Иванов, кој денеска заедно со министерот за одбрана Фатмир Бесими, началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котески и командантот на Командата на НАТО од Мадрид, Алфредо Кардона, присуствуваше на досега најголемата меѓународна вежба „Кооперативна долга стрела/Лансер 2012“, на армискиот полигон „Криволак“.
На новинарско прашање дали по Самитот на НАТО во Чикаго, Македонија повторно ќе оди во Хаг, претседателот Иванов дециден дека добивме пресуда и таа мора да се почитува, а од правниот тим, потенцира, се следат сите можни аспекти бидејќи повторно имаме прекршување на времената спогодба.
- Правниот тим кој беше ангажиран ги следи сите настани и ќе биде направено она што е во најголема корист за Република Македонија, изјави претседателот Иванов на АП „Криволак“, кој во рамки на Денот за високи гости ја следеше меѓународната воена вежба „Кооперативна долга стрела/ Лансер 2012“.
|