27.05.2012, 17:57 Го бркал соседот со секира за паркинг-место
Банални меѓусоседски расправии викендов за малку ќе завршеле кобно откако биле употребени и секири за расчистување на несогласувањата. Вистинска драма се случувала вчера во скопската населба Ѓорче Петров каде што 75-годишен скопјанец со секира го бркал соседот низ населбата, поради расправија за паркинг-место.
Според полицијата, инцидентот се случил кога 40-годишниот Т.З. го паркирал возилото „фиат добло“ во кое биле и неговите две деца, во близина на дворот на скопјанецот. Тогаш 75-годишниот А.Т. почнал да се заканува, извадил и нож и го изгребал сопственикот на возилото.
Тој ги зел децата и побегнал, но по некое време дошол да си го земе возилото. Тогаш соседите почнале да викаат и да го предупредуваат да бега, затоа што старецот зел секира и тргнал кон него да се пресметува. „По пријавување на случајот А.Т. е приведен, одземена му е секирата и ќе му биде поднесена пријава“, велат во МВР.
Инцидент со секири се случил и во атарот на селото Главовица, Кочанско, каде што при расправија за напасување на стоката, бил повреден П.М. (48). Жител на селото го пронашол како лежи со скршеница на десната надлактица и расеченици по главата.
Според неговото кажување, бил нападнат од М.С.(59) од Кочани, кој го удрил со секира. Повредениот е донесен на лекување во Скопје. (Х.Р.) |