27.05.2012, 13:24 Пусиќ: Поради стабилноста на регионот мора да се разговара за проширување на НАТО
Изборот на новиот претседател на Србија, Томислав Николиќ, била една од темите на неодамна завршениот самит на НАТО во Чикаго, потврди хрватската министерка за надворешни работи
Хрватската министерка за надворешни работи Весна Пусиќ, на самитот што се одржа минатата седмица во Чикаго, говорејќи за ситуацијата и за земјите во регионот на Југоисточна Европа, се заложила за продолжување на процесот на проширување а Алијансата, пишува денеска хрватскиот весник „Јутарњи лист“.
Изборот на новиот претседател на Србија, Томислав Николиќ, била една од темите на неодамна завршениот самит на НАТО во Чикаго, потврди Пусиќ за весникот.
Иако на дневен ред биле две доминантни теми - ситуацијата во Авганистан и односот со државите партнери, политичките аналитичари тврдат дека темата проширување се наметнала сама по себе, откако се дознало дека на претседателските избори во Србија е „избран радикалниот националист“ Томислав Николиќ, пишува „Јутарњи лист“.
- Почетната позиција на САД, па и на речиси сите членки на НАТО, била на овој самит да не се расправа за проширувањето. Меѓутоа, ние и пред почетокот на состанокот сметавме дека е потребно нешто да се каже за продолжување на процесот на проширување, изјави Пусиќ.
- На ниво на министри за надворешни работи организиран е состанок со земјите - аспиранти за членство: Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Грузија. Во своето излагање предупредив дека во регионот, поради изборот на Николиќ е создадена нова ситуација, што секако не се знае какви ќе бидат последиците од промената на власта во Србија, но тоа секако налага за темата проширување да се расправа и на ова заседание, додаде Пусиќ за „Јутарњи лист“.
Шефот на хрватската дипломатија истакна дека Хрватска ја поддржува идејата за прием на Македонија, БиХ и Црна Гора во НАТО, бидејќи тоа ќе придонесе за стабилизација на односите и безбедноста во регионот. Таа го поддржува и членството на Грузија, но, како што кажа, „акцентот бил ставен на овие три држави, блиски на Хрватска“.
- Членството на Црна Гора не е доведено во прашање бидејќи земјата ги исполни сите услови, терба да се пружи нова шанса на Македонија, која речиси беше примена во членство, како и тоа дека треба да се активира Акцискиот план кој БиХ го доби на самитот во Талин, додаде Пусиќ.
- Овие држави во различни фази се приближија кон членство, но секоја во свои рамки постигна напредок кој треба да се забележи и соодветно да се реагира промовирајќи ги на патот кон членството. Често се става знак на еднаквост меѓу ЕУ и НАТО сојузот, иако се работи за во целост различни организации. За да бидете примени во ЕУ, мора да исполните голем број услови, а во преговарачкиот процес напредувате ако ги задоволувате критериумите. Во НАТО се влегува според начелно задоволување на критериумите, но и поради зголемување на стабилноста и безбедноста на некое подрачје, заклучува шефот на хрвтската дипломатија во интервјуто за „Јутарњи лист“.
|