27.05.2012, 22:37 Металург ја одбрани шампионската титула
Тимот од Автокоманда во СРЦ Кале го совлада Вардар Про со 20:16 и стигна до вкупно петтата ракометна круна во Македонија во клупската историја
ФОТО: Петр Стојановски
Металург ја одбрани ракометната круна во Македонија и ја освои вкупно петтата титула во историјата, откако вечерва во СРЦ „Кале“ го победи лутиот конкурент Вардар со 20:16 (10:7) и со шест бода разлика ја заврши сезоната пред црвено-црните.
Ова е единствен трофеј на Металург сезонава, Купот го освои Вардар, исто како и СЕХА лигата, но затоа пак, тимот од Автокоманда беше сензација во Лигата на шампионите, со пласманот во осминафиналето од најпрестижното натпреварување.
Вардар Про не успеа да го направи невозможното да го победи Металург со 10 голови разлика во последното коло за да стане шампион. Црвено-црните мотивирано го почнаа денешниот дуел имајќи предност од два гола разлика во првите 15 минути, меѓутоа противникот носен од одличниот голман Дарко Станиќ успеа до крајот на полувремето да дојде до комплетен пресврт за водство од 7-10 по првите 30 минути.
Во ист стил Металург продолжи и во вториот дел само дополнително зголемувајќи го водството за во 46. минута веќе да има предност и од 11-16. По овој период веќе беше сосема јасно дека Металург е на прагот на новиот шампионски трофеј завршувајќи го плеј-офот без ниту еден пораз.
Покрај добиениот трофеј, од екипата на Металург произлегоа и двајцата најдобри ракометари во сезоната 2011/ 2012. Наградата за најдобар голман замина кај Дарко Станиќ, а за МВП на шампионатот беше прогласен нашиот репрезентативец Филип Миркуловски.
|