02.04.2012, 18:29 Едиторијал
Македонија и Карлос Слим
Соња Маџовска
Карлос Слим веќе неколку денови е првокласна вест во Македонија. Владата максимално ја искористи посетата на мексиканскиот милијардер за да му ги претстави инвестициски проекти кои досега им ги понуди и на Катарците, на Кинезите, на Јапонците, на Турците, и на сите бизнисмени и Влади каде што отиде по светот.
Меѓутоа проектите од енергетиката, како што се „Вардарска Долина“, проект стар 20 години, изградбата на станбени комплекси во касарната „Илинден“, „Сончев град“, туристичките развојни зони во Охрид, Преспа и Дојран, инвестирање во рударството, приватизација на државни компании како „Тутунскиот комбинат“, и другите загубари, изградбата на автопати на коридорите 8 и 10, железничката линија кон Бугарија и слично, се нешто што подолго време се обидуваме да го „продадеме“. Но без резултат. Станува збор за грандиозни проекти кои вредат стотици милиони евра, дел од нив се стари и по две децении, но очигледно за нив никој досега не пројавил конкретен интерес. Само во еден од овие големи проекти некој да се реши да вложи, ќе биде успех, но самото тоа што тие со години им се нудат на инвеститорите, а никој досега не „загризал“, доволно зборува дека не се примамливи за нив, и дека Владата можеби треба да понуди нешто ново.
Тоа што најбогатиот човек во светот ја посети Македонија и веднаш предизвика големо внимание од аспект на користа што може да ја имаме како држава, покажува колку нашето општество е очајно во потребата да се пробиеме во светот и да привлечеме странски инвестиции. За жал секому што слетува на аеродромот во Скопје, првото нешто што го правиме е му ѕиркаме во џебот. Дали е доволно длабок да ја покрие македонската финансиска, морална и идеја дупка. Затоа што таа дупка, тој јаз, од ден во ден е се' поголема. Всушност, преголема и за џебот на Карлос Слим. Мексиканскиот супер милијардер за време на посетата на нашава земја не излезе да каже ниту збор за тоа кои се неговите впечатоци за Македонија, а се' она што слушнавме е прераскажано од министрите за информатичко општество и за финансии, Иво Ивановски и Зоран Ставрески.
Ивановски уште по првата средба меѓу премиерот и Карлос Слим соопшти дека тој искажал задоволството што млад тим ја раководи државата, и дека земјава постигнала добри резултати за време на светската економска криза. Вообичаени куртоазни зборови на гостинот за неговите домаќини. Ставрески пак, ни го пренесе неговиот впечаток, според кој Македонија на добар начин ја има поставено бизнис-климата, дека има добар амбиент за инвестиции, а тоа, вели, што земјава нуди атрактивен даночен пакет во Европа, посебно го воодушевило Слим.
Министрите индиректно ни ги пренесоа впечатоците на Слим, но малку проговорија за нивните сопствени впечатоци. Она што го дознавме е дека Владата најмногу била воодушевена од едноставноста на најбогатиот човек на светот. Тоа што тој на презентацијата дојде со минибус, што со истиот минибус замина на ручек, што нема лично обезбедување, ниту пак имал некои посебни барања за сместувањето, храната. Ајде нека земат пример што значи да се биде скромен. Всушност, сите треба да земеме во тој дел пример од мексиканскиот гостин.
Во другиот дел, се разбира сите посакуваме сите да се исполни желбата на Владата и дел од богатството на Слим да влезе во македонските финансиски текови, но од друга страна тоа што мексиканскиот бизнисмен досега нема инвестирано во Европа, не дава голема оптимизам дека тој ќе реши да вложи дел од неговите пари токму кај нас. Сепак, неговото доаѓање во Македонија привлече огромен интерес и не' стави на светската мапа на медиумскиот интерес. За земја како нашата некои ќе речат дека и тоа е само по себе успех. |