30.05.2012, 22:02 Има ли тортура во затворите
Низа забелешки на условите во полициските станици и казнено-поправните установи во земјава
Горан Адамовски
Народниот правобранител поднел барање за кривична одговорност против тројцата стражари од битолскиот затвор поради сомневање дека ги малтретирале притворените од акцијата „Монструм“. Барањето следува по претставката на семејствата на дел од притворените, кои се жалеа дека било постапувано нечовечки кон нивните блиски. Дали ќе биде поднесена кривична пријава зависи од Обвинителството. Во меѓувреме, продолжува и постапката за утврдување евентуална одговорност на чуварите, кои веќе една недела се под суспензија. Во зависност од резултатите, ќе се знаат и следните чекори на надлежните. Директорот на битолскиот затвор, Славко Гацовски, вчера ни потврди дека постапката се' уште е во тек. Минатата недела, во изјава за „Утрински весник“, Гацовски рече дека неговите сознанија велат дека чуварите не ги пречекориле своите овластувања, но оти ќе остави истрагата да го каже завршниот збор.
Има ли тортура и малтретирање во затворите и во полициските станици, беше дел од истражувањето на Националниот превентивен механизам (НПМ), кои во текот на ланската година спровеле 18 превентивни посети (17 од нив ненајавени) во 12 полициски станици, три затвори и по една во Воспитно-поправен дом, Јавна установа за згрижување, воспитување и образование на деца и младинци и во Центарот за сместување лица баратели на правото за азил. Заклучоците се загрижувачки, но главно се евидентирани и се повторуваат со години, а за нивно отстранување е потребно време, пари и пред се' волја.
Во полициските станици има лоши услови за сместување, просториите се мали или пренатрупани, ладни се и влажни, нема соодветна вентилација, а во некои нема ниту директен пристап до дневна светлина. Условите во самиците се понижувачки и нечовечки. Затворите немаат посебно издвоено приемно одделение, па новопримените осудени лица имаат директен пристап со веќе осудените лица од другите одделенија што влијае негативно во процесот на адаптација. Во станиците делумно уредно се водат евиденциите, но во затворите нема унифицирано водење на затворските евиденции и книги.
„Најголем проблем во здравствената заштита во затворите е во недоволната екипираност на установите со медицински персонал. Лекарите не вршат редовен надзор врз лицата кои се во самица. Од друга страна, загрижува фактот дека има случаи кога лекарите спроведуваат прегледи во присуство на службите за обезбедување“, истакна народниот правобранител Иџет Меџити.
Од НПМ велат дека при сите посети добиле максимална соработка со надлежните. Извештајот ќе биде доставен до сите институции, како и до Обединети нации. |