27.09.2012, 15:20 Металург сака повторно во топ-16
Осминафиналето во Лигата на шампионите, но и титулата и развојот на младите играчи се главни цели сезонава.
Металург и во претстојното издание на Лигата на шампионите посакува да го повтори пласманот во осминафиналето, со кој во минатата сезона стана првата машка ракометна екипа од Македонија на која и' успеало тоа. Македонскиот првак ќе стартува в недела од 19 ч. на гости кај францускиот вицешампион Шамбери во рамките на групата Ц.
„Пред сезоната си поставивме четири главни цели. Првата, да влеземе во групната фаза од ЛШ, веќе ја исполнивме, и тоа многу поубедливо од лани. Втората цел е да го повториме пласманот во топ-16 од минатата сезона, каков што тогаш остварија и многу побогатите Хамбург и Монпелје, а Чеховски медведи не успеа. Притоа, ќе се обидеме на нашите навивачи повторно да им го овозможиме задоволството да уживаат во убав ракомет“, вели тренерот Лино Червар. „Трета цел ни е четврти пат во низа да бидеме шампиони на Македонија, не потценувајќи ги другите натпреварувања.“.
Капитенот Ванчо Димовски смета дека сезонава ќе биде потешка од минатата.
„Сите очекуваат да го повториме успехот од минатата сезона, кога влеговме во топ-16, но тоа ќе биде потешко сега, бидејќи лани бевме нови, Санкт Петербург беше аутсајдер, а Констанца сама се елиминира. За мене, Кјелце е фаворит во групата, а другите пет екипи рамноправно ќе се борат за второто место. Ќе ни требаат многу среќа и студени глави за да ја поминеме групата. Ќе биде интересно“, вели пикерот на Металург.
Денешната прес-конференција беше искористена и за промоција на најновото засилување за „металурзите“, словенечкиот десен бек Ренато Вугринец. (Р.Д.)
|